Почна изградбата на автопатот Кичево – Букојчани
Делницата од 12 километри ќе ги поврзе автопатите Охрид–Кичево и Букојчани–Гостивар; предвидени се тунел, мостови и клучки.

Започна изградбата на делницата од автопатот Кичево – Букојчани во должина од 12 километри, која треба да ги поврзе автопатите Охрид – Кичево и Букојчани – Гостивар. Маршрутата минува низ планински терен и според проектот ќе биде современ автопат со две коловозни ленти, помошна лента од секоја страна и зелен појас.
Крупни технички конструкции и голема проектирана брзина
Според надлежните, на трасата се предвидени сложени градежни работи: пет мостови и вијадукти, еден тунел долг 370 метри и две клучки. „Проектираната брзина на движење ќе изнесува од 110 до 130 километри на час. Она што е најтешко е изградбата на пет мостови и вијадукти, еден тунел долг 370 метри и две клучки, што е исклучително значајно“, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.
Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта, рече дека со оваа делница ќе се затвори празнината во западниот коридор. „Ќе добиеме непрекинат автопат од Скопје, преку Тетово, Гостивар и Кичево, до Охрид. Тоа ќе биде современ автопат без застанување, односно без патарини. Се надеваме дека патувањето од Скопје до Охрид ќе трае помалку од еден и пол час“, рече Коце Трајановски.
Проектот е дел од Коридорот 8 и се финансира со заем од 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и грант од 20 милиони евра од Европската Унија. „Посветени сме преку вакви инфраструктурни проекти, да ја зајакнеме инфраструктурата во земјата и да дадеме поттик за развој на приватниот сектор“, рече Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој.
Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, потенцираше дека Унијата останува посветен партнер во изградбата на клучната инфраструктура. „Додека заеднички ја градиме клучната инфраструктура, Европската Унија останува посветен партнер на Северна Македонија. Поддржуваме земја штода биде подобро поврзана и поконкурентна, а со тоа и важен придонесувач за подобро поврзана и поконкурентна Европа“, рече амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Надлежните информираат дека се завршени 97 проценти од експропријацијата на земјиштето на трасата. Автопатот треба да биде изграден во рок од четири години, а работите ќе ги изведува консорциумот Штрабаг и Дуна.
Фото: прес-материјал од настанот


