Полицијата од Тетово приведе шест лица и одзеде оружје по пукањето на веселба во Добридол
СВР Тетово изврши претреси и одзеде оружје и муниција поради видео од пукање на семејна веселба во Добридол.

Шест лица се лишени од слобода, едно лице е повикано на службен разговор, а кај повеќе локации се извршени претреси и одземено е оружје и муниција по акцијата на СВР Тетово откако на социјалните мрежи се појави видео од семејна веселба во Добридол, гостиварско, на кое младите пукаат од пиштоли.
„Денеска (01.08.2026) полициски службеници од СВР Тетово во врска со објавеното видео на социјалните мрежи за пукање на семејна веселба во Добридол, гостиварско, извршија претреси на повеќе локации, при што се приведени шест лица, а едно лице е повикано на службен разговор. При претресите се пронајдени и одземени оружје и муниција.
Во 18:00 часот е извршен претрес кај И.С. (21) од село Добридол, а во 18:05 часот, кај А.И.(30) од с.Добридол, при што е пронајден и одземен еден гасен пиштол. Во исто време е извршен претрес и кај И.Б.(25) од с.Добридол.
Во 18:15 часот е извршен претрес во домот на Б.А. во с. Добридол, при што се пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот се пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје. Од слобода се лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) од с.Добридол.
Потоа, во 18:25 часот извршен е претрес кај Т.М.(26) од с.Добридол, при што се пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол, по што тој е лишен од слобода, а С.М. е повикан на службен разговор“, соопштија од МВР.
Оттаму посочуваат дека сите лица се приведени во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Фото: прес-материјал од настанот