Потерница за сопругата на Мустафа Сандал: обвинета за проневера од 11,1 милијарди лири
Налог за апсење и замрзнување на средства поради обвинувања за перење пари; Мелис е во Дубаи, адвокатот демантира.

Јавното обвинителство во Истанбул распиша налог за апсење по Мелис Сутшуруп Сандал (35), сопругата на познатиот турски пејач Мустафа Сандал, и по нејзиниот татко, Џихан Сутшуруп. Истовремено е наложено и целосно блокирање и замрзнување на нивниот имот и банкарските сметки додека трае истрагата.
Обвинувања и деманти
Според потврдените податоци од истрагата, на Мелис ѝ се става на товар дека во период од три месеци пренасочила или повлекла 11,1 милијарди турски лири — сума што истражителите ја оценуваат на околу 197 милиони евра. По ова следуваше наредба за блокада на средства и дополнителни проверки поврзани со десетици други лица.
Мелис се наоѓа во Дубаи, а нејзиниот адвокат остро ги демантира обвинувањата, објаснувајќи дека наведениот износ не претставува пари што таа ги ставила „во сопствен џеб“, туку вкупен обем на тргување остварен преку автоматски трансакции. Адвокатот додаде дека нејзиното заминување во Дубаи е поради школување на детето и редовни рати за купување недвижност, а не поради бегство.
Поради засиленото внимание во јавноста, Мустафа Сандал се огласи со став дека нема никаква финансиска поврзаност со делувањето на семејството на сопругата. Тој порача: "Мојот образ е чист! До денес апсолутно немаше збор за тоа дека купувам или продавам какви било фондови, ниту дека сум дел од таква организација. Веќе 32 години сум во музичката индустрија и мојот единствен извор на приходи е музиката. Мојата сопруга и нејзиниот адвокат веќе ги дадоа потребните објаснувања, а јас со сопругата немам никакво материјално партнерство освен брачниот статус", порача пејачот.
Истрагата во Истанбул продолжува и јавните обвинители најавуваат целосно расчистување на случајот и утврдување на потеклото и патеката на блокираните средства. Скандалот предизвика големо внимание поради димензиите на сумата и имињата вклучени во случајот.
Фото: прес-материјал од настанот


