Почетна
Македонија

Потпишана Национална програма за достоинствена работа 2026–2030

Трипартитен документ со поддршка од МОТ за права, вештини и поголема вклученост на жените

·Македонија
Потпишана Национална програма за достоинствена работа 2026–2030

Работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, со која се предвидува унапредување на работничките права, создавање поквалитетни работни места и зајакнување на институциите на пазарот на труд.

Програмата почнува од три стратешки приоритети

Програмата е изработена преку трипартитни консултации и е усогласена со рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој 2026–2030, при што реформите на пазарот на труд се поврзуваат и со процесот на европска интеграција.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши го поздрави потпишувањето на програмата, со која, вели тој, се потврдува определбата на земјава за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места.

„Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на труд, поголемо вклучување на младите и на жените и намалување на неформалната економија. Успехот на оваа програма ќе го мериме преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите бидејќи нашата цел е достоинствената работа да стане реалност за секој граѓанин“,

изјави Дурмиши.

Националната програма се фокусира на три главни области: прво, создавање поволна економска средина преку усогласување на трудовото законодавство и прописите за безбедност и здравје при работа, унапредување на социјалниот дијалог и колективното договарање, како и поддршка на продуктивни и одржливи мали и средни претпријатија. Вториот приоритет е подобрување на стручното образование, обуките и доживотното учење, за да работниците стекнуваат вештини што одговараат на потребите на пазарот на труд. Третата област се однесува на економското зајакнување на жените и зголемувањето на нивното учество на пазарот на трудот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи