Пожари на депонијата Краста: 7 села шест месеци дишат чад, жители бараат итна интервенција
Жителите од седум села тврдат дека повторливите пожари на депонијата Краста го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето повеќе од половина година.

Пожари на депонијата Краста, каде што се изнесува ѓубрето од Куманово, повторно ги извадија на површина проблемите со кои се соочуваат жителите на котлината на Пчиња и соседните населби. Тие бараат општинските и државните институции да интервенираат откако повеќе од шест месеци дишат чад и тврдат дека им е загрозено правото на чист воздух и вода.
Жителите велат дека по должината на котлината има седум села со над 5.000 жители кои се изложени на загадувањето. Чадот, велат, се чувствува во должина од околу 30 километри и понекогаш стигнува до Катланово, а многумина кои работат на отворено секојдневно вдишуваат токсични испарувања по повеќе часови.
Апел за итни мерки
„Котлината на селото Пчиња повеќе од 6 месеци е обвиткана во отровен час и жителите не можат да отворат прозор во летните месеци. Овде гравитираат 7 села со над 5.000 жители, чадот се чувствува во должина од 30 километри, дури до Катланово. Ние се занимаваме со земјоделство и секој ден повеќе од 10 часа сме на нивите и го вдишуваме токсичниот чад. Загадувањето веќе го зема данокот со здравјето, с ѐ повеќе имаме луѓе со белодробни заболувања, а за загадената водата да не зборувам. Ако овој проблем не се реши за една година ние ќе мора да се иселиме од тука, затоа што не се издржува. Апелираме до надлежните да го сфатат сериозно проблемот, да не се извлекуваат поради нивната неодговорност. Државата треба да го слушне нашиот апел и да го реши проблемот “, вели Александар Илиевски, претседател на Месна заедница Пчиња.
Според мештаните, пријавите за пожарите и ефектите од чадот биле упатувани и до општински и до државни институции, но досега нема видливи долгорочни решенија. Тие предупредуваат дека продолженото изложување ќе ги влоши здравствените проблеми и дека семејствата може да бидат принудени да ги напуштат домовите ако не се преземат конкретни чекори.
Заедниците и локалните активисти побаруваат итно гаснење на активните пожари на депонијата, построги контроли на постапувањето со отпадот на Краста, редовно мерење на квалитетот на воздухот низ котлината и здравствени прегледи за најпогодените жители.
Фото: СДК.МК)


