Почетна
Македонија

Пожарот кај Чаништа се шири во четири крака — активни пожари и во Кичево, Македонски Брод, Студеничани и Могила

ЦУК: Во последните 24 часа регистрирани се 37 пожари; на терен се испратени дополнителни противпожарни екипи, а Армијата ќе биде ангажирана превентивно.

·Македонија
Пожарот кај Чаништа се шири во четири крака — активни пожари и во Кичево, Македонски Брод, Студеничани и Могила

Пожарот што избувна кај селото Чаништа, во општина Прилеп, се шири во четири крака и претставува најголем пожар што е регистриран на територијата на државата оваа година. Противпожарните екипи сѐ уште работат на негово ставање под контрола додека и другите пожари се следат низ државата.

Зајакнувања, обезбедување на села и ангажман на Армијата

Во утринскиот пресек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), кој ги опфаќа состојбите заклучно со 7:30 часот, е наведено дека во изминатото деноноќие регистрирани се вкупно 37 пожари. Активни се пет пожари, еден е ставен под контрола, додека 31 е целосно изгаснат.

Пожарот кај Чаништа се движи во четири правци: кон селата Крушевица и Лопатица, еден крак оди кон Црна Река, а втор крак го зафати и селото Орле во општина Новаци. Огнот главно опфаќа ниска вегетација. Во гаснењето се вклучени екипи од повеќе противпожарни единици и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

ДЗС информира дека на помош ќе пристигнат и екипи од Неготино и скопската противпожарна бригада кои ќе бидат ангажирани за обезбедување на селото Крушевица. Првпат ова лето, превентивно ќе бидат ангажирани и припадници на Армијата, чија задача ќе биде да им помогнат на локалните жители доколку огнот се приближи до населбите.

Покрај пожарот кај Чаништа, активни се и пожари на териториите на општините Студеничани, Македонски Брод, Кичево и Могила. Во Студеничани, кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер гори мешана шума. Во Македонски Брод, кај местото Видуш и селата Драгов Дол и Локвица, огнот опфати ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. На подрачјето на Кичево, кај селото Тајмиште во местото викано Дарда, гори високостеблеста букова шума, а во општина Могила, кај селото Мојно, е зафатена ниска вегетација.

Пожарот што пред неколку дена избувна на депонијата во Делчево е ставен под контрола. Во изминатите 24 часа се изгаснати повеќе пожари и на локации во општините Сарај, Битола, Струмица, Велес, Охрид, Дебарца, Гевгелија, Кичево, Јагуновце, Тетово, Теарце, Гостивар, Куманово, Липково, Желино, Кочани, Струга, Зелениково, општина Арачиново и Крушево. На повеќето места горела ниска вегетација, ѓубришта, напуштени ниви, мешана шума, грмушки и стрништа.

Фото: Дирекција за заштита и спасување

Поврзани написи