Празникот на Свети Јона и св. Фока: 5 октомври за покајание и проштевање
5 октомври во МПЦ потсетува на покајание и маченичката ревност на Фока, повик за простување и нов почеток.

Православните верници од Македонската православна црква денеска, на 5 октомври, го одбележуваат празникот посветен на Светиот пророк Јона и Светиот свештеномаченик Фока — ден кој потсетува на покајание, силата на простувањето и шанса за нов почеток.
Приказни со порака
Приказната за старозаветниот пророк Јона е една од најпознатите во Светото писмо. Според преданијата, Тој бил син на вдовицата од Сарепта Сидонска, кого пророкот Илија го воскреснал од мртвите. Кога Господ му дал задача да отиде во Нинива и да ги предупреди жителите да се покајат, Јона настојувал да ја избегне својата мисија и се качил на брод за да замине на другата страна.
Кога настана жестока бура, тој сфати дека неговата непослушност ја загрозува бродската посада и побара да биде фрлен во морето. По Божја волја, голема риба го проголтала Јона; тој останал во нејзината утроба три дена и три ноќи во искрена молитва и покајание. Тој тридневен престој и последователното спасение се сметаат за праобраз на тридневното престојување на Христос во гробот и Негово воскресение.
Тропар: "Јона, пророкот Божји, денес го прославуваме о, верни, преку него ја видовме милоста Негова, Оној Kој човекот го создаде, Тој и го љуби. Kако дете Јона Бог го воскресна, како возрасен во познание беше приведен, о, Христе на Твоето триденевно во земја престојување. Пророче, ти кој стана труба која на покајание повикува, моли се свои те гревови да ги препознаеме, и со пост и молитва кон Христа да припаднеме."
Заедно со пророкот Јона, се слави и Свети Фока, епископот Синопски, кој од младост бил познат по своите христијански добродетели. Со збор и личен пример тој привел многу идолопоклоници кон вистинската вера. Заради тоа претрпел големи мачења во времето на царот Трајан, но не се поколебал во својата ревност и ја добил маченичката круна.
Тропар: "Го подготви срцето твое, Фоко свештеномачениче за Господа, и ниедна стихија земна не ја допре верата, која ти на Него ја положи, ниедно мудрување човечко ревноста не ја намали, венценосецу на кого Небото видливо рака положи. Радувај се и за нас моли се благодетен Божји угодниче."
Обичаите поврзани со денот ја нагласуваат важноста на признавањето на грешката и на простувањето — ако некој ве повредил, денот е повик да простите и да си го олесните срцето. Многумина го поминуваат празникот во црква, палат свеќа за здравје на семејството и се молат за мир и заштита во домот.
Фото: прес-материјал од настанот


