Претреси во Вишото Јавно Обвинителство во Битола — отворена истрага за корупција против обвинител
Министерството за внатрешни работи и ОЈО за гонење организиран криминал и корупција извршија претреси по судски наредби во истрага за „Примање награда за противзаконито влијание“.

Во Вишото јавно обвинителство во Битола е отворена истрага за корупција против еден обвинител и се вршат претреси во неговиот дом и службените простории, информираат надлежните.
-Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК во моментов врши претрес во дом и службени простории во Вишото јавно обвинителство Битола поради сомнение за сторени коруптивни кривични дела, кратко потврдија од МВР.
Од Обвинителството појаснуваат дека истражните активности продолжуваат и дека повеќе информации ќе бидат соопштени утре. Станува збор за истрага за „Примање награда за противзаконито влијание“.
Наредби за претрес и правна основа
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција обезбеди судски наредби за претрес на дом и службени простории на виш јавен обвинител во ВЈО Битола, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик. Претресите врз основа на обезбедените наредби ги вршат припадници на Министерството за внатрешни работи. Повеќе детали по завршување на дејствијата во текот на утрешниот ден, соопштија од Јавното обвинителство.
Нема официјални детали дали акцијата опфати и Прилеп, каде што живее еден од само двајцата обвинители кои припаѓаат на Вишото битолско обвинителство.
Според законот, обвинителите немаат имунитет при кривичен прогон како судиите и пратениците, поради што Советот на јавни обвинители не одлучува дали можат да бидат приведени во текот на истрагите.
Фото: прес-материјал од настанот


