Почетна
Македонија

Претседателката на КХВ Бујаре Абази во Охрид: Амбицијата мора да биде пазар што расте и ги претвора заштедите во инвестиции

На 25. Годишната конференција во Охрид, претседателката на КХВ повика на усогласување со ЕУ, мобилизација на пасивни заштеди и преодни мерки за новиот закон.

·Македонија
Претседателката на КХВ Бујаре Абази во Охрид: Амбицијата мора да биде пазар што расте и ги претвора заштедите во инвестиции

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, м-р Бујаре Абази, на 25. Годишната конференција на Македонската берза во Охрид порача дека амбицијата за македонскиот пазар на капитал не смее да биде само да функционира – тој треба да расте, да ги претвора заштедите во инвестиции и да им ја враќа довербата на граѓаните.

Абази го опиша пазарот како во период на значајна регулаторна и развојна транзиција. Усогласувањето со европските стандарди, според неа, треба истовремено да обезбеди сигурност и доверба и да создаде простор за иновации и поголема динамика.

Еден од клучните предизвици, истакна, е активирањето на домашниот пасивен капитал. „Граѓаните и компаниите располагаат со значителни заштеди“, рече Абази, и задачата на институциите и пазарните учесници е дел од тие средства да препознаат дополнителни можности за инвестирање преку пазарот на капитал.

Регулатива како поттик, не само ограничување

Таа нагласи дека пазарот на капитал не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како неопходно надополнување, особено при финансирањето на поризични и иновативни проекти и во обезбедувањето дополнителни извори на капитал за малите и средни претпријатија.

Во контекст на европската интеграција, Абази предупреди дека усогласувањето со ЕУ не смее да значи слепо наметнување административен товар, туку воспоставување поедноставни, појасни и пропорционални правила кои ќе ги намалат трошоците за учесниците, а истовремено ќе го зачуваат интегритетот на пазарот.

Претседателката информираше дека КХВ се приклучила кон регулаторна иницијатива заедно со седум земји членки на ЕУ, што отвора можност за поинтензивна размена на искуства и усогласување на регулаторните практики.

Со поддршка од Министерството за финансии и во соработка со берзанската заедница, рече Абази, се подготвени новите преодни одредби за претстојното усогласување на овластените учесници со новиот Закон за финансиски инструменти, чија примена започнува следната недела. Според неа, новата регулатива треба да биде основа за следната развојна фаза на пазарот – транспарентен, интегриран и атрактивен за домашните и странските инвеститори.

На крајот од обраќањето, Абази повика на силно партнерство меѓу регулаторот, Министерството за финансии, овластените учесници, компаниите и инвеститорите и порача: „Целта не треба да биде само пазар што функционира. Нашата амбиција мора да биде пазар што расте. Пазар што ги претвора заштедите во инвестиции. Регулативата во доверба, а довербата во развој“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи