Во Охрид ќе се гради „Зелена соба“ за селекција на отпад
На место на расипаните подземни контејнери Општината ќе инвестира 1.463.200 денари за централен пункт за пластика, хартија, стакло и мешан комунален отпад.

На локацијата на поранешните подземни контејнери во Охрид ќе се изгради „Зелена соба“, наменски простор за собирање и селекција на комунален отпад и рециклирачки материјали. За реализација на проектот од буџетот на Општина Охрид се издвоени 1.463.200 денари (23.600 евра).
Од Општина Охрид велат дека објектот ќе биде наменет за одлагање комунален отпад, пластика, хартија и стакло.
„’Зелена соба’ претставува централно место за собирање мешан комунален отпад, како и одделни рециклирачки фракции со економска вредност, како пластика, хартија и стакло. Просторот е соодветно ограден и обезбеден, што овозможува безбедно и контролирано привремено складирање на комунален и комерцијален отпад“, велат од Општината.
Локација и пристап
Локацијата е избрана поради близината на маркети и угостителски објекти, кои ќе можат да го користат објектот за одлагање на отпадот. Пристапот до просторот ќе биде лесен, а корисниците ќе добијат упатства за правилно одлагање и селекција на отпадот.
Според најавите, работите треба да завршат до крајот на оваа година, а за следната се најавува изградба на уште еден ваков објект. „Зелената соба“ ќе биде поставена на местото на подземните контејнери, кои ќе бидат отстранети бидејќи биле расипани и надвор од функција.
Контролата на правилното користење на новиот објект ќе ја врши вработен во ЈП „Охридски комуналец“.
„Изградбата на ваков објект претставува чекор кон унапредување на системот за управување со отпадот, бидејќи правилната селекција овозможува дел од отпадот да се издвојува наместо да завршува заедно со останатиот комунален отпад. На тој начин се создаваат услови за поефикасно собирање и понатамошно постапување со отпадот“, велат од ЈП „Охридски комуналец“.
Фото: СДК.МК)


