Приведени директор на „Црн Бор“ и вработена од „Бабуна“; одземено дрво вредно 30.000 евра
Заменик-директорот Кире Михаилов најави дека истрагите и конфискациите следуваат по десетдневна координација со МВР и обвинителството.

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, соопшти дека во изминатите денови биле приведени директори и вработени во рамки на повеќе постапки поврзани со сомнежи за незаконско постапување со дрвна маса.
Како што наведе Михаилов, меѓу приведените се директорот на подружницата „Црн Бор“ во Прилеп и вработена во подружницата „Бабуна“ во Велес. За велешкиот случај полицијата претходно информираше дека на 7 октомври во селото Теово биле лишени од слобода три лица, меѓу кои и вработена во „Национални шуми“, а биле одземени дрва и други предмети поврзани со случајот.
Кривични пријави и проценка на штети
Во одделен случај била поднесена и кривична пријава против вработен во подружницата во Свети Николе и против правно лице, при што штетата, според информации на Михаилов, се проценува на повеќе од 50.000 евра.
Паралелно, во изминатите денови се спроведувале акции за одземање возила и огревно дрво. Од правно лице во Скопско биле одземени околу 400 кубни метри огревно дрво, со проценета вредност од околу два милиони денари, односно над 30.000 евра. Акцијата следувала по претходна десетдневна истрага и била координирана со обвинителството, МВР и Шумската полиција.
„Од она кое што засега го имаме како информација, се работи за добро организирана група која најверојатно подолго време работела нелегални активности околу превоз и продажба на дрва“, напиша Михаилов во објава на социјалната мрежа.
Михаилов додава дека индициите упатуваат на поширока мрежа чија активност можеби се протегала од Скопска Црна Гора и Китка до подрачја во Гостивар и Велес, и дека се проверува евентуална вмешаност на лица од институциите.
Фото: прес-материјал од настанот


