Продолжи судењето на 13 полицајци и началници по пожарот во „Пулс“
Пожарникарот рече дека дојавата била во 02:35; обвинението тврди дека пропустите на полицијата придонеле за 63 смртни случаи.

На судењето за трагедијата во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март 2025 година загинаа 63 млади луѓе, продолжи изведувањето на докази за групата од 13 полицајци и началници обвинети за безбедносни пропусти.
Како сведок на одбраната настапи пожарникар-спасителот Благојчо Паунов, кој рече дека дојавата ја примиле во 02:35 часот. „Се паркиравме на 10 метри од влезот. Имаше многу паднати и легнати свесни лица, не можевме поблиску да пријдеме. Се сеќавам дека кога пријдовме на влезната врата, имаше многу заглавени лица на вратата. Во тој момент имаше само мал чад што се гледаше. Доаѓаа и други противпожарни (ПП) возила. Влезната врата беше пренатрупана од легнати лица во висина на мојата глава,“ сведочеше тој.
Паунов рече дека им кажал на полицајците, меѓу кои го именуваше Драган Петрушев, викан Казак, да соберат луѓе за заедничко извлекување на повредените. На прашањето од одбраната „Дали ви помогна обвинетиот Петрушев?“, тој одговори: „Како мешовити тимови извлекувавме заедно.“
Внатре видел заглавени и изгорени, пожарот локализиран дури по два часа
Пожарникарот опиша и дека внатре видел заглавени, задушени и изгорени лица кои барале помош. Тој рече дека пожарот бил локализиран дури по два часа, околу 04:00 часот, а целосно гаснење е околу 05:00 часот. Појавата на заглавени лица пред вратата значело дека не можеле веднаш да газат преку нив за да гаснат, па тоа било направено 5–10 минути подоцна.
Обвинителката Ивана Трајчева ги товари следните 13 полициски службеници: Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски. Според обвинението, тие не постапиле според усвоениот план за акциска контрола од 14 март 2025 година и не ги извршиле сите проверки што се во надлежност на МВР, не направиле „процена и управување со ризик“ и не спречиле активирање на пиротехниката при контролната акција.
Обвинителниот акт наведува дека преполнетоста на објектот и масовното туркање кон излезите довело до паѓање и блокирање на ходникот, што го зголемило бројот на жртви. Во настанот загинаа 63 лица, а над 230 добија тешки, животозагрозувачки или трајни повреди. Во судот беше изнесено и дека многу од спасувањата ги извршиле цивили, а сведоштва посочуваат и пароли дека полицијата таа ноќ одбивала да помогне со образложение: „Не сме обучени за ова”.
Фото: СДК.МК)


