Просечна оценка 3,66 на државната матура — Јаневска задоволна
Министерството ги објави просечните оценки по трите типа матура и податоците за поништуваните и приговорите.

Просечната оценка од годинашното полагање на државната матура во јуни изнесува 3,66, соопшти на прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Оваа средна вредност ги опфаќа трите типа матура: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. Поединечно, средната оценка на државна матура е 3,62, на стручната 3,91, а на уметничката 3,59.
Јаневска оцени дека е задоволна од постигнатото и посочи дека просекот е речиси идентичен со ланскиот од 3,69, додека во 2024 година просечната оценка изнесуваше 3,26.
„Ценам дека ова се објективни резултати поради подготвеноста на сите вклучени во организирањето на матурата. Годинава по првпат се полагаше по нова Концепција која предвиде три типа на матура – државна, стручна и уметничка, со што, сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование, што не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал“, изјави Јаневска.
Пријави за препишување и поништувани тестови
Министерката истакна и дека е намален бројот на препишувања: на полагањето во јуни тестовите им биле поништени на 226 ученици. Дел биле фатени на лице место како препишуваат, за дел било утврдено дека препишувале по прегледот на тестовите. Тие ќе полагаат повторно во август.
Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, рече дека се поднесени 805 приговори во врска со резултатите, а 133 ученици извршиле увид во тестовите.
За екстерните испити во јунската испитна сесија беа пријавени вкупно 14 587 ученици: 12 184 за државна матура, 2 276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура. На полагањето не се појавиле 348 пријавени или 2,39 отсто.
Фото: прес-материјал од настанот