Психијатриските болници во Македонија под прашалник за безбедноста на пациентите
Случајот во Загреб ја врати во фокус безбедноста и одговорноста во психијатриските болници во Македонија.

Смртта на студентот Кристијан Јосип Периш во психијатриската клиника „Јанкомир“ во Загреб повторно ја отвори дебатата за безбедноста на пациентите — прашање кое во Северна Македонија долго време останува сериозен предизвик.
Пациентите во психијатриските установи често се изолирани од јавноста и зависат од систем што треба да ги штити нивните права. Во многу институции недостасуваат просторни капацитети, персонал и услови за достоинствен престој, што ги прави ранливи на занемарување и насилство.
„Ние постојано предупредуваме на огромното зголемување на бројот на судски пресуди, каде што се препраќаат во затворските одделенија во психијатриските установи и нивната преоптовареност во однос на достапниот персонал и колку луѓе можат да се згрижат. Сето тоа остава ризик за несоодветен третман“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство .
Клековски уверува дека се вложува во подобрување на условите за престој, хигиената и исхраната и наведува реконструкции, вклучително и во Негорци. „Започнавме со циклус на реконструкција во Психијатрија Скопје во Бардовци каде што првиот објект беше пуштен во употреба, следната година следен објект. Бидејќи кај нив заради амортизацијата нема еднаш реконструирање на 10 години туку тој процес мора да е континуиран и останува критична состојбата во Демир Хисар каде што бараме инвестиција, средства за изградба на нов објект бидејќи постојните се далеку од било каква употреблива состојба“, додава Клековски .
Случаи и аларми
Во земјата имаше и сериозни инциденти. Лани во болницата во Бардовци, пациент сместен во судското одделение со стаклено шише усмрти друг пациент; по убиството осудениот беше преместен во затворот во Шутка. Вознемирувачки видеоснимки од истата установа покажаа физичко малтретирање на новодојден пациент од други пациенти, што според лицето што ги објави снимките било пракса во судското одделение.
Фотографии и видеа тогаш открија распаднати ѕидови, искршени врати и прозорци, тоалети без врати и општи услови кои не дозволуваат одржување на лична хигиена. Овие сведоштва ја поставија сфокусираноста не само врз инфраструктурата, туку и врз бројот на вработени, надзорот и одговорноста кога се загрозени правата и безбедноста на пациентите.
Додека Балканот го следи случајот од Загреб, здравствените работници, семејствата и невладините организации во Македонија бараат поголема транспарентност, независен надзор и јасни правила за одговорност, за да се обезбеди дека установите ќе ги штитат, а не ќе ги загрозуваат, луѓето доверени во нивната грижа.
Фото: прес-материјал од настанот


