Почетна
Македонија

„Пулс“ не бил кабаре, туку диско‑клуб, а реконструкцијата била нелегална, сведочи вештото лице

Вештото лице: изградбените зафати претставуваат нелегална реконструкција; објектот има карактеристики на диско‑клуб, а не кабаре.

·Македонија
„Пулс“ не бил кабаре, туку диско‑клуб, а реконструкцијата била нелегална, сведочи вештото лице

Вештото лице Маријана Лазаревска пред судот во Кочани изнесе дека сите градежни зафати во објектот на дискотеката „Пулс“ биле изведени нелегално и дека самите промени не одговараат на категоријата кабаре.

Лазаревска посочи дека интервенциите биле направени без проектна документација, без стручен надзор и без одобренија од надлежните институции и дека измените не можат да се третират како надградба или адаптација, туку претставуваат реконструкција за која е обврзна целосна законска постапка која не била спроведена.

Според нејзината анализа, пренамената од магацин во угостителски објект значително го зголемила товарот врз конструкцијата и директно влијаела на безбедноста. Во објектот биле вградени челични столбови и греди, надворешни скали и настрешница; во 2012 година постоеле челични галерии со пристап преку скали кои во 2024 биле отстранети, а на задниот ѕид била оформена бина. Внатрешните столбови биле маскирани со гипс‑картон, а поткровјето изведено со стаклена волна, гипс плочи и полиуретански сунѓер — материјал кој целосно изгорел во пожарот.

За единствен документ кој наликувал на проект, Лазаревска го наведе елаборатот изработен од „ВЕНЦИ“ ДООЕЛ Кочани кој ја третирал промената на намената во угостителски објект – кабаре. Таа објасни дека тој документ не ги содржел законските фази, не бил поднесен до општината и ниту една од предвидените мерки не била изведена. Сепак, истиот документ бил користен од Државниот пазарен инспектор во 2012 година и од МВР – СВР Штип при издавање согласност.

На прашање од обвинителството дали документацијата споменува вградување полиуретански сунѓер, Лазаревска одговори дека "никаде не го сретнала тој термин." Таа се повика и на геодетски елаборат од 16 март 2025 година според кој габаритот на објектот не се менувал и површината во континуитет изнесувала околу 472 м².

Семејствата бараат име и презиме на одговорните

На паузата од рочиштето, Александар Наунов, во име на семејствата на загинатите, рече дека по 17 месеци борба за вистината градежното вештачење и сведочењата на стручните лица уште појасно ги откриваат долгогодишните пропусти и непостапувања. "Клопчето се размотува, а одговорноста се повеќе се зацврстува. Болно е да се слуша сето ова, но ни дава надеж дека вистината конечно излегува на виделина," нагласи Наунов и ги охрабри вештаците да продолжат професионално и независно да ги презентираат своите наоди.

"Не бараме ништо повеќе од вистината, но нема да прифатиме ништо помалку од неа. Фактите зборуваат, а одговорноста мора да добие име и презиме," додаде Наунов. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска‑Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК; загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени — една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Поврзани написи