Радовишката противпожарна единица започна GoFundMe-кампања за нов камион
Донации преку GoFundMe; за Швајцарците достапна опција преку TWINT.

Територијалната противпожарна единица од Радовиш преку своите објави на социјалните мрежи ја извести јавноста дека започнува онлајн кампања за собирање донации на платформа GoFundMe, во време кога трае сезоната на шумски пожари.
Детали за повикот
Во објавата пожарникарите ги повикуваат жителите на Радовиш, но и Македонците во дијаспората, да ја поддржат иницијативата со донација или да ја споделат кампањата. За донаторите од Швајцарија е наведено дека е овозможен начин на донација преку TWINT со користење на QR-кодот кој е поставен во линкот и на сликите.
„Почитувани Радовишани и Македонци ширум светот,
Денес официјално ја започнуваме GoFundMe кампањата за обезбедување на противпожарно возило за ТППЕ Радовиш. Ве повикуваме да ја поддржите оваа хумана иницијатива, без разлика дали сте од Радовиш, од друг град или живеете во дијаспората. Секоја донација, без оглед на износот, е од огромно значење и нè доближува до нашата заедничка цел. Доколку не сте во можност да донирате, ве молиме споделете ја кампањата со вашите пријатели и познаници, за да стигне до што повеќе хумани луѓе. За донаторите од Швајцарија е овозможена донација и преку TWINT, со користење на QR-кодот кој се наоѓа во линкот и сликите. Заедно можеме да направиме вистинска разлика и да помогнеме ТППЕ Радовиш да добие возило кое ќе служи за заштита на сите граѓани. Ви благодариме од срце за секоја донација, секое споделување и секоја поддршка!“, пишуваат радовишките пожарникари во објавата.
Во моментот на објавувањето на оваа вест, тие од седум поединечни донации имаа собрано 562 евра од посакуваните 13.000 евра.
Иницијативата е насочена кон дополнување на опремата на локалната единица и, според објавата, ќе го зголеми капацитетот за реагирање при пожари кои ги засегнуваат граѓаните и животната средина.
Фото: илустрација / ТППЕ Радовиш