Почетна
Македонија

Рамис Мерко казнет со 5.000 евра за незаконско поставување спомен-обележје

Судот се повика на мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на прекршочниот платен налог.

·Македонија
Рамис Мерко казнет со 5.000 евра за незаконско поставување спомен-обележје

Струшкиот основен суд денеска изрече парична казна од 5.000 евра за поранешниот градоначалник на Општина Струга, Рамис Мерко, поради незаконско поставување спомен-обележје — плоча на влезот на општинската зграда.

Судијата: постои одговорност и не е потребна последица

Судечкиот судија Јордан Јованов рече дека постои одговорност кај обвинетиот за кривичното дело кое му се става на товар, потсетувајќи дека според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја самото подигнување такво обележје може да претставува дело, и не е неопходно да постои последица или конфликт.

„Во контекст на она што го изнесе одбраната, дека наводно не било јасно кој ја поставил плочата, од целокупната документација која се водела и во рамки на прекршочната постапка и во рамки на оваа постапка, произлегува дека плочата е поставена на зградата на Општината, која ја претставува обвинетиот како тогашен градоначалник. Ниту во рамки на прекршочната постапка не било спорно, односно со самото тоа што тој дал налог за плаќање на тоа, признал дека не е испочитувана процедурата за поставување на плочата, а во доказите во оваа постапка, пред сè судот се раководеше од мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, повторно е утврдено дека вознемирувањето продолжено го сторил обвинетиот како градоначалник на Општината,“ објасни Јованов во образложението.

Судијата додаде дека за случајот се воделе две постапки — една прекршочна поврзана со незапазување на процедурата, за која е издаден прекршочен платен налог, и оваа кривична постапка која се темели врз мислењето на Комисијата. Тоа мислење било потврдено со решение од Управниот суд и од Вишиот управен суд, а се базирало и на стручни согледувања од Институтот за национална историја дали симболиката на плочата може да поттикнува верска или етничка омраза.

Мерко, во завршните зборови, рече дека нема никаква врска со поставувањето на плочата, туку дека за тоа се изјаснило Здружението на пензионери Албанци, кои, според него, признале дека ја поставиле плочата на денот кога годишно организираат академија за албанската азбука. Тој додаде дека од државни инспектори за култура дознал дека општината добила казна со образложение дека со плаќање на казната предметот ќе биде затворен и пензионерите ќе бидат ослободени.

„Денот на албанската азбука е свечен ден и се прославува како државен празник во Република Северна Македонија. Тој е идентитет на албанците секаде каде што постојат и навреда ќе ни биде ако некој се меша во тоа,“ рече Мерко пред судот.

Адвокатот на обвинетиот, Игор Петковски, посочи дека идентична табла е поставена и во општина Битола, на спомен-куќата „Музеј на албанската азбука“, и дека досега таму не биле забележани инциденти од етничка основа.

Во Основниот суд во Струга денеска почна и расправата по одделно обвинение дека Мерко склучил договор за осветлување на дел од коритото на Црн Дрим без водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Беа сослушани двајца од тројцата сведоци, а третиот ќе биде повикан на следното рочиште закажано за 25 ноември.

Претходно, Мерко доби парични казни за незаконско поставување директори во шест училишта (правосилни пет казни), додека беше ослободен од вина во случајот за набавка на службеното возило Audi A6.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи