Почетна
Македонија

Редици пред „Алта банка“ во Битола по одземањето на дозволата во Белград

Граѓани чекаат да ги подигнат пензиите и штедните влогови по одлуката на српската централна банка; НБМ вели дека банката во Битола е самостојно правно лице.

·Македонија
Редици пред „Алта банка“ во Битола по одземањето на дозволата во Белград

Од утринските часови пред експозитурата на Алта БАНКА АД Битола стојат редици граѓани, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка а.д. Белград. Присутните велат дека дошле да ги подигнат пензиите и вложените пари.

Дел од граѓаните изјавија дека се „вознемирени“ по случувањата во Белград и дошле да го раскинат договорот со домашната експозитура. Според нив, вработени во банката ги уверувале дека побарувањата на сите граѓани се исплатени и дека експозитурата работи до 13 часот во сабота и треба да се вратат во понеделник.

Народната банка: одлуката на Србија не значи автоматско затворање во Битола

Народната банка издаде соопштение во кое потенцира дека одлуката на Народната банка на Србија се однесува на работењето на банката во Република Србија и, цитираме, „оваа одлука се однесува на работењето на банката во Република Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на ‘Алта банка’ АД Битола. Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби“, соопшти македонската централна банка.

Во соопштението се додава дека Народната банка ги следи сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност, и дека во рамките на своите надлежности соработува со надлежните домашни и странски институции, почитувајќи ги правилата за доверливост на супервизорските информации.

Извршниот одбор на Народната банка на Србија на седница одржана утрово донесе одлука за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ од Белград, наведувајќи дека, и покрај претходно преземените надзорни мерки, банката не успеала да ја стабилизира финансиската состојба и да ја подобри ликвидноста, а растел и ризикот дека нема да може да ги исполнува обврските кон клиентите. Како што се вели во соопштението објавено на веб-страницата на НБС: „Утврдено е дека во претходниот период финансиската состојба на банката значително се влошила, како и дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката, а со тоа и загрозување на интересите на депонентите“.

Граѓаните пред експозитурата побараа јасни информации за достапноста на средствата, а Народната банка повторно најави дека ќе ја следи состојбата и ќе постапува согласно законот за заштита на финансискиот систем и интересите на депонентите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи