Реформската агенда да биде заокружена до крајот на декември, очекува премиерот Мицкоски
Премиерот најави технички усогласувања со ЕК и кажа дека е пронајден компромис за зголемување на судските и обвинителските буџети.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата очекува пакетот закони од Реформската агенда да биде завршен до крајот на декември и дека планот е тие да влезат во Парламентот на почетокот на декември.
Клучни закони, технички усогласувања и разгледување во Брисел
На состанок во Владата посветен на спроведувањето на Реформската агенда биле презентирани детали за статусот на законите во неколку клучни ресори, како и тековните активности, постигнатиот напредок и следните чекори, информира Мицкоски.
Тој рече дека сработени се четири клучни закони во рамките на Министерството за јавна администрација, кои во моментов се во фаза на техничко усогласување со Европската комисија и дека Владата интензивно работи на исполнување на чекорите од реформската агенда во рамки на предвидениот грејс период. „Очекувам, на техничко ниво, до крајот на месецот дека ќе се расчистат сите работи и ќе можеме да влеземе во парламент почетокот на декември, за до крај на декември да поминат овие закони. Тоа е Законот за административни службеници или познатиот ЗАС, каде имаме една-две точки на коишто разговараме со Европската комисија. Потоа е Законот за вработени во јавна служба или јавен сектор, каде имаме една или две забелешки на коишто ќе работиме на техничко ниво оваа недела. Третиот е за високи раководни служби, и тука имаме една-две исто така забелешки“,
Мицкоски потсети дека Кривичниот законик и Законот за кривична постапка веќе се испратени во Брисел на разгледување и сугестии и посочи дека соодветните табели ќе бидат доставени најдоцна до понеделник.
За Законот за Академијата за судии и обвинители тој рече дека предлогот поминува процедури за да се овозможи избор на нова генерација, а прашањата за финансирањето се расчистуваат со европските партнери.
Во врска со законите за Јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, Мицкоски наведе дека главна точка на сопнување биле буџетските проценти — 0,8% од БДП за судскиот буџет и 0,5% од вкупниот буџет за јавното обвинителство — за што, како што рече, е пронајден компромис кој бил претставен пред Европската комисија.
Тој додаде дека во делот на дигиталната трансформација се бележи стабилен напредок, а Министерството за транспорт очекува мислења за пет закони кои носат мали измени во ИТС-системот во железничкиот и патниот транспорт. Мицкоски ги даде изјавите по увид во градежни активности во Општина Кисела Вода и во одбрана на измените на Законот за јавни набавки рече дека „Компании и адвокатски друштва уриваат тендери за да заработуваат преку жалби“.
Фото: Принстрин


