Почетна
Македонија

Ревизија: Фондот за здравство со сериски слабости, германска болница бара 433.771 евра

ДЗР укажува на недостиг на контроли, отворени аванси за лекување во странство и низа судски побарувања, вклучително и од германска болница.

·Македонија
Ревизија: Фондот за здравство со сериски слабости, германска болница бара 433.771 евра

Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година забележува системски слабости во финансирањето, контролните процедури и информацискиот систем, со конкретни правни и буџетски последици. Ревизијата посочува доцнење во воведувањето на електронскиот рецепт, недоследности во следењето на лекувањето во странство, слабости при финансирањето и набавките од јавните здравствени установи и застарени референтни цени и листи на лекови.

Во извештајот се наведени и промени во раководството на Фондот: Магдалена Филиповска-Грашкоска беше директорка од април 2022 до јули 2024, од јули 2024 до 13 јули 2026 директор беше Сашо Клековски кој потоа стана министер за здравство, а од 13 јули 2026 нов директор на ФЗО е ексминистерот Златко Перински.

Ревизорите наведуваат дословно: “Во 2024 година се извршени вкупно 44 контроли во установите кои вршат болничка здравствена заштита (БЗЗ) што е за 16 % помалку од претходната година. При тоа, 13 контроли се извршени во приватни здравствени установи (ПЗУ), 35, а останатите во јавни здравствени установи (ЈЗУ), додека неправилности се утврдени во 45% од контролите. И покрај тоа што, поради начинот на финансирање, контролите кај ЈЗУ немаат значајно влијание врз висината на надоместокот што го исплатува Фондот, во континуитет најголем дел од контролите се насочени кон нив. Од друга страна, кај ПЗУ надоместокот е директно условен од фактурираниот вид и обем на услуги, поради што отсуството на редовна и сеопфатна контрола создава ризик од неправилно фактурирање и исплата. Висината на исплатениот надоместок за ПЗУ во БЗЗ во 2024 година изнесува 1.036.685 илјади денари”.

Отворени аванси и судски спорови

Ревизијата укажува на растечкиот биланс на отворени аванси за лекување во странство и на портфолиото судски спорови чиј исход е неизвесен. Ревизорите велат дека и покрај дописите до странските болници за доставување конечни фактури или враќање на неупотребените аванси, тие мерки не го намалиле салдото; приближно половина од отворените аванси се однесуваат на периодот 2014–2023 за кои не се добиени конечни фактури или не е извршен поврат.

Извештајот дава и детални бројки за судските постапки. Според ревизијата, Фондот се јавува како тужена страна во 21 судска постапка во земјата со вкупна вредност на тужбените барања од 286.603 илјади денари, при што 67% од нив се постапки од ПЗУ за плаќање на услуги над договорениот надомест; во текот на 2024 година Фондот исплатил 94.209 илјади денари на два тужители со правосилни пресуди. Дополнително, се вели: “Покрај наведеното, Фондот се јавува како тужена страна и во 12 судски постапки покренати од германска болница, со тужбено барање за наплата на нецелосно платени фактури за лекување на осигуреници, во вкупна вредност од 433.771 евра односно 25.484 илјади денари. Во претходниот период, врз основа на извршено вештачење и добиено правно мислење од адвокатска канцеларија, биле доставени повеќе информации до Владата и била воспоставена комуникација со болницата. Заклучно со денот на ревизијата, не се преземени нови активности ниту се евидентирани значајни промени во статусот на постапките. Во досегашниот период 9 тужбени барања од болницата се усвоени од страна на германскиот суд, а за 4 од нив Фондот има поднесено жалба”.

Од друга страна, Фондот е тужител во 8 постапки со вкупна вредност од 57.115 илјади денари, од кои 97% се за побарувања, а во 2025 година покренал 6 постапки во вкупна вредност од 580 илјади денари за надомест на штета за трошоци за лекување.

Ревизијата ја посочува и финансиската напнатост: заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 8.415.865 илјади денари (приближно 137 милиони евра), а неисплатените средства од Министерството за здравство по основ на придонес за неосигурените лица на крајот на 2024 година изнесуваат 2.136.300 илјади денари (приближно 35 милиони евра). Извештајот укажува и на проблеми во ИТ-инфраструктурата и интеграцијата, како и на доцнење во воведувањето на електронскиот рецепт; набавениот модул за прием и контрола на фактури за странско осигурување, иако е испорачан и формално прифатен, не е ставен во функција бидејќи не ги задоволува потребите.

Ревизорите ги посочуваат и слабостите во моделот на финансирање на јавните здравствени установи: “Како клучно ревизорско прашање се истакнува дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на принципот на плаќање според извршените здравствени услуги. Имено, Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што поголемиот дел од нив имаат реализирано значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок.”

Како завршна оцена, ревизијата констатира дека и покрај преземените активности по претходните препораки, и понатаму постојат сериозни слабости и потреба од системски подобрувања. Во извештајот стои: “Дадени се препораки насочени кон понатамошно унапредување на работењето на Фондот”.

Фото: СДK.МК)

Поврзани написи