Ревизија: во „Пелагонија" леб купуван и по 126 ден/кг, 250 душеци останале неупотребени
Државниот завод за ревизија констатира набавки на леб по цени многу повисоки од пазарните и други пропусти во процесот на јавни набавки во студентскиот дом.

Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода утврди низа недоследности во јавните набавки, а како посебно загрижувачка ја издвојува набавката на леб по цени далеку над пазарните.
"По воведувањето дневна евиденција, месечните фактури во 2025 година се значајно намалени во однос на 2024 година. Ревизијата утврди и дека со новиот договор во 2025 година цената на лебот достигнала 126 денари/кг, што е значително над пазарната цена од околу 70 денари/кг, што укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки", констатира ДЗР. Во материјалите на ревизијата, исто така, се нотира дека лани имало набавки на леб по цена од 120 денари по килограм.
Практики повлечени наназад
Ревизорите укажуваат дека ваквата пракса е присутна и во 2023 и во 2024 година: едно парче леб се сметало дека тежи еден килограм, а тежината не била мерена. Проблемите водат до договор за набавка на леб и брашно од 2023 година, склучен со понудувач чија основна дејност не е поврзана со предметот на набавката, при што ревизијата не добила презентирана задолжителна банкарска гаранција за извршување на договорот.
Во извештајот се наведува дека договорената цена за леб во 2023 година изнесувала 57,46 денари по килограм, но при реализацијата економскиот оператор фактурирал едно парче леб како килограм, што поради слабите внатрешни контроли било откриено дури кон крајот на 2024 година. "при реализацијата економскиот оператор фактурирал едно парче леб како килограм, што поради слабите внатрешни контроли било откриено дури кон крајот на 2024 година", велат ревизорите.
Ревизијата откри и значајни неправилности во набавката на душеци: 250 купени душеци не биле ставени во употреба и биле поголеми од димензиите на креветите. "Тендерската документација на набавката на душеци од 2023 година содржи ограничувачки услови, а договорот е склучен со избраниот економски оператор без обезбедена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот. Набавени се 250 душеци во вкупна вредност од 1.174 илјади денари (од предвидените 500 душеци) со димензии различни од предвидените во техничката спецификација, без соодветна документација за прием и притоа истите се складирани во домот и воопшто не се ставиле во употреба. Исто така, утврдивме дека и претходно биле набавени 450 душеци од истиот добавувач, иако постоечките биле во добра состојба, а поради тоа што димензиите на креветите се помали од душеците била нарушена стабилноста и статиката на креветите", тврди ревизорот.
Во извештајот се изнесени и сомнежи за други видови на храна: поединечни артикли се набавувале по цени повисоки од пазарните, најчесто била доставена само една понуда, договорите биле склучувани во висина на проценетата вредност без однапред дефинирани количини, а за нереално ниско понудени цени не се барало дополнително образложение. "Утврдивме недоследности во процесот на планирање и спроведување на јавните набавки и реализација на склучените договори... Исто така, утврдено е и надминување на договорените вредности кај дел од договорите, што укажува на недоволна контрола и неекономично користење на јавните средства", додава ревизорот.
Фото: прес-материјал од настанот