Римац ќе ја заврши производството на „Невера“ до крајот на 2026 — направени 71 од планираните 190
Мате Римац потврди дека производството ќе заврши оваа година со 51 стандардна „Невера“ и 20 „Невера Р“, далеку под планираните 190 примероци.

Хрватската компанија Rimac Automobili ќе го заврши производството на електричниот хиперавтомобил „Невера“ до крајот на 2026 година, а основачот Мате Римац потврди дека вкупниот број направени возила ќе изнесува 71, значително помалку од првично најавените 190 примероци.
51 стандардни „Невера“ и 20 „Невера Р“
Според потврдените податоци, фабриката ќе го заврши серијското производство со 51 примерок од стандардната „Невера“ и 20 примери од посилната верзија „Невера Р“. Последните десет автомобили моментално се склопуваат, а нивната испорака е најавена до крајот на годината.
Првичните производствени планови предвидуваа 150 примероци од стандардниот модел и дополнителни 40 од верзијата „Невера Р“. Со конечните 71 возило, компанијата ќе реализира околу 37 отсто од вкупниот планиран обем.
И покрај значително помалиот број, Мате Римац оцени дека проектот ја исполнил својата основна цел. Во видео објавено на Инстаграм тој рече: "Невера" е најпродаваниот електричен хиперавтомобил во светот, и изјави дека развојот на моделот овозможил понатамошно проширување на компанијата.
Завршувањето на производството доаѓа во период кога пазарот на најлуксузни автомобили покажува поголем интерес за хибридни решенија и традиционални мотори со внатрешно согорување. Римац претходно посочил дека покрај перформансите, купувачите од високата класа особено ги ценат ексклузивноста и доживувањето при возењето.
Компанијата ќе продолжи со развојот на други проекти, меѓу кои е и новиот Бугати Турбијон — комбинација од 16-цилиндричен бензински мотор и три електромотори. За тој модел е предвидена ограничена серија од 250 автомобили, а сите производствени термини веќе се резервирани.
Истовремено, Rimac Technologies продолжува со развој на батериски системи, електрични погони и компоненти за големите светски производители, додека групацијата работи и на проектот за автономни возила „Верн“.
Фото: прес-материјал од настанот


