Почетна
Македонија

Ристоска до Апелација: Не фалат докази, туку судот толкувал без поткрепа на закон

Поранешната обвинителка вели дека судот погрешно го толкувал поимот „јавна услуга“, со долгорочни импликации за корупциските ризици.

·Македонија
Ристоска до Апелација: Не фалат докази, туку судот толкувал без поткрепа на закон

Поранешната државна обвинителка Ленче Ристоска ја критикува конечната одлука на Апелација во предметот „Талир 2“, оценувајќи дека ослободителната пресуда не е резултат на недостиг од докази, туку последица на толкување на судот кое, според неа, нема правна поддршка во законите.

Ристоска: Апелација го проширила значењето на „јавна услуга“

Ристоска, која го водеше предметот за изградбата на седиштето на ВМРО‑ДПМНЕ седум и пол години, предупреди дека ваквото образложение отвора пат за фирми што заработуваат од државата да и́ враќаат на партијата со пари или со имот.

„За Апелациониот суд не е спорен фактот дека компанијата Бетон добивала државни пари и дека го изградила партиското седиште и исплатила пари на ВМРО ДПМНЕ. Тоа што Апелација го спори е значењето на терминот "јавна услуга" и како одлучувачки правен критериум конструира дефиниција изразена во една дескриптивна реченица која што има енциклопедиски призвук и за која не е наведена законска поткрепа од македонското законодавство. Ова е многу паушално објаснување за вака значајно и сериозно прашање, со долгорочни последици по однос на политичката и високата корупција и злоупотребата на буџетски пари."

Ристоска појаснува дека суштината е едноставна: законот треба да спречи државните пари, преку приватни компании, да завршуваат кај политичките партии. Таа нагласува дека во тоа време повеќе од 75 проценти од приходите на „Бетон“ доаѓале од државата, но Апелацијата проценила дека градежните работи кои фирмата ги вршела за државата не можат да се сметаат за „јавна услуга“.

„Спорен е ставот на Апелациониот суд дека изградбата на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Дури и да се водиме од ад хок дефиницијата на Апелација, во најмала рака е дискутабилно како тоа градење на објекти, патишта, мостови, брани, стадиони, градинки и училишта, сите дел од портфолиото на Бетон, не придонесуваат за одржување на добросостојбата на секој граѓанин и не помагаат во развојот на општеството во целина."

Ристоска го застапуваше предметот „Талир 2“ до пред крајот на судењето. Пред шест месеци новиот државен обвинител Ненад Савески ги повлече овластувањата со кои таа ги водеше предметите „Талир“, по што Ристоска тврдеше дека веќе нема основ да продолжи. На 2 април таа поднесе оставка, велејќи дека „повеќе не гледа простор да работи според своите професионални принципи“. Неколку месеци подоцна Кривичниот суд го ослободи првообвинетиот, поранешниот премиер Никола Груевски, а на 26 август Апелација ја потврди ослободителната пресуда.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи