Ристовски: Понудивме конкретен план за добитокот во Крива Паланка, Митовски го одби
Ристовски вели дека планот предвидувал оперативни мерки, финансиска конструкција и петчлена комисија за надзор, но бил одбиен од градоначалникот и мнозинството.

Влатко Ристовски, член на Советот на Општина Крива Паланка од редовите на ВМРО‑ДПМНЕ, на прес‑конференција порача дека градоначалникот и мнозинството во Советот го одбиле конкретниот и сеопфатен акциски план што тој и неговата советничка група го поднеле за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот.
Предлозите содржеле оперативни мерки, финансиска конструкција и комисија за надзор
Ристовски рече дека акцискиот план содржел каде да се постави прифатниот пункт и како да се организираат теренски екипи, како да се вклучат АХВ, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР, како да се обезбеди хуман третман на животните, како да се дезинфицираат јавните површини и како да им се помогне на земјоделците кои претрпеле штети.
Тој посочи дека бил предвиден и финансиски модел, утврдени рокови и петчлена комисија за надзор со обврска за редовно информирање на Советот. „Предложивме каде да се постави прифатниот пункт, како да се организираат теренски екипи, како да се вклучат АХВ, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР, како да се обезбеди хуман третман на животните, како да се дезинфицираат јавните површини и како да им се помогне на земјоделците кои претрпеле штети. Предвидовме финансиска конструкција како и петчлена комисија за надзор и редовно известување на Советот. И покрај сето ова, градоначалникот и мнозинството го одбија предлогот. Тие денеска пропуштија можност да поддржат конкретен чекор кон решавање на проблемот“, рече Ристовски.
Ристовски го обвини градоначалникот Сашко Митовски дека со месеци ја префрлува одговорноста и бара виновници без да предложи решение. „Сега граѓаните имаат право да прашаат: Ако не го прифатија овој план, кој е вашиот план? Кои се вашите конкретни мерки? Кои се роковите? Колку средства сте подготвени да издвоите и кој ќе ја преземе одговорноста за реализацијата? Не може со месеци да се одржуваат прес‑конференции, да се бараат виновници и да се префрла одговорноста на други институции. А кога ќе се понуди конкретен план да се одбива“, рече тој.
Градоначалникот Митовски, кој претходно денеска се обрати на протест во Крива Паланка, ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот да постапуваат и што поскоро да го решат проблемот. Тој побара од централната власт да го разгледа акцискиот план на владината седница во вторник и најави можно радикализирање на протестите.
„Државо собери си ги твоите говеда, ваши се повеќе од две и пол години. Многу е лесно од канцеларија да кажеш – почекајте, стрепете се. Дојдете тоа кажете им го во очи на овие напатени луѓе. Дојде ножот до коска луѓе мои, ова е колективна казна за цела Крива Паланка и затоа уште еднаш велам – доста беше. Доделете ја законската надлежност на општината и за помалку од десет дена ќе имаме трајно решение на проблемот“, кажа Митовски.
Спорниот предлог и реакциите на властите се случија во услови на протести во градот, каде што во еден момент имаше нагорување на тензии меѓу граѓаните и полицијата.
Фото: Принтскрин


