Рочиштето за Државна лотарија прекинато откако обвинет побара обвинителниот предлог на албански
Судот го прекина процесот за да му го обезбеди обвинителниот предлог на албански јазик; штетата е зголемена на околу 9,7 милиони евра.

По краткото читање на обвинителниот предлог, сите обвинети во случајот за наводна проневера од 9,7 милиони евра во Државна лотарија се изјаснија за невини, но рочиштето беше прекинато откако еден од нив побара обвинителниот предлог да му биде даден на албански јазик.
Обвинетите — Артан Груби, Перпарим Бајрами (судење во отсуство бидејќи е во бегство), поранешниот претседател на Надзорниот одбор Скендер Мехмети, членовите Бојан Јанев, ексгенералниот секретар на Владата Методија Димовски, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди — се изјаснија за невини. Во моментот кога се изјаснуваше Авди, тој го искористи законското право и побара обвинителниот предлог да му се достави на албански јазик.
Судот го прекина рочиштето за да му го обезбеди преводот
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, изненадена што барањето не било поставено порано, мораше да го прекине денешното рочиште и да го задоволи барањето на Авди. За обвинителот Александар Давчевски ова е обид за злоупотреба на процесните права, имајќи предвид дека обвинетиот претходно добил судски поуки преку преведувач.
На обвинетите им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, за дела сторени во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.
Според новиот, прецизиран обвинителен предлог, првичната штета од околу 8,2 милиони евра е зголемена на околу 9,7 милиони евра. Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако правото за тоа уште во 2013 година било доделено на компанијата Казинос Австрија. Се наведува дека Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државната лотарија.
Адвокатот што ја застапува Државна лотарија како оштетено правно лице изјави дека друштвото има побарувања, но дополнително ќе одлучи дали ќе ги остварува во оваа кривична постапка или преку посебна граѓанска тужба. Груби, по 14-месечно бегство, се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026 година.
Фото: СДК.МК)


