Почетна
Политика

Сведок: материјалите за Државна лотарија се разгледувале набрзина

Поранешен член на Управниот одбор сведочеше дека документи често стигнувале наутро и требале одговори истиот ден; немало дискусија за VLT набавката.

·Политика
Сведок: материјалите за Државна лотарија се разгледувале набрзина

На денешното рочиште за предметот поврзан со Државната лотарија сведочи поранешен член на Управниот одбор, кој рече дека материјалите често пристигнувале толку брзо што немало време за темелна анализа, и дека Управниот одбор не расправал за набавката на VLT-терминали.

Сведокот, Христа Најданов, посочи дека бил именуван во Управниот одбор од страна на Владата во 2017 година по предлог на партијата ДОМ и дека останал на позицијата до февруари 2024 година. Тој сведочеше дека сѐ додека директор беше Перпарим Бајрами седниците првично се одржувале со физичко присуство, но од 2021 година дел од материјалите почнале да се доставуваат електронски.

Материјалите пристигнувале со краток рок за одговор

„Некогаш материјалите беа испратени наутро, а ние требаше да одговориме до попладнето. Немав секогаш време студиозно да ги разгледам, а во 99 проценти од случаите одговорите на членовите беа позитивни“, сведочеше Христа Најданов.

Тој додаде дека во такви ситуации немале можност да се обратат до службите за дополнителни објаснувања за доставените материјали.

Во врска со постапката за набавка на VLT терминалите, сведокот рече дека, според неговото сеќавање, претходно биле подготвувани вештачења и елаборати за исплатливоста на формирањето ново друштво кое би се занимавало со видеолотарија и видеоигри. Според неговите сознанија, терминалите требале да се користат за организирање електронски игри на среќа.

На прашањето дали Управниот одбор расправал за потребата од набавката, сведокот одговори дека, колку што се сеќава, не расправале и немало таква точка на дневниот ред. Во предметот за злоупотреба на службената положба обвинети се екс вицепремиерот Артан Груби, поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, и уште петмина од надзорниот одбор на компанијата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи