Груби и натаму без пасош, излегува на слобода додека трае судењето за Лотарија
Судот му ги задржа ограничувањата и забраната за патување; службен џип на Лотаријата е запален пред домот на заменик-директорот.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби и натаму ќе остане без патна исправа додека трае судењето за набавките поврзани со Државната Лотарија, откако Основниот кривичен суд Скопје денеска го укина куќниот притвор бидејќи не може да го продолжи. Судската одлука значи дека Груби ќе доаѓа на судењето, но ќе ја има одземена патната исправа и други ограничувања.
Ноќеска службен џип на Државната Лотарија — кинески марки Беиџинг BAIC — изгорел пред домот на заменик-директорот на Лотаријата, Ахмет Мифтари. Мифтари самиот го пријавил пожарот, кој го гаснеле скопските пожарникари; полицијата го испитува случајот и не ја исклучува можноста за подметнување. Заменик-директорот во телефонски разговор рече дека не може да дава информации бидејќи истрагата е во тек.
Мерки и местото на настанот
Автомобилот бил запален на улица Крсто Асенов во Чаир, на неполни 200 метри од стан на лице поврзано со Лотаријата кое е обвинето — Артан Груби. Груби, кој се изјасни дека не е виновен и по враќањето од бегство во февруари беше во куќен притвор, е обвинет за незаконска набавка на ВЛТ апарати и за штета врз буџетот од над 9,7 милиони евра.
Иако судот го укина куќниот притвор бидејќи не може да го продолжи, тој го отфрли барањето на Груби да му се врати пасошот, и покрај гаранцијата во имот од над 335 илјади евра. Во соопштението Основниот кривичен суд Скопје посочи:
„Се прифаќа предлогот на Основното јавно обвинителство за определување мерки за претпазливост, и тоа:
Забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште,
Обврска повремено да се јавува во судот,
Забрана за приближување односно остварување контакт и врски со одредени лица.
Дополнително, против обвинетиот и натаму останува активна мерката за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница“, соопштија од Основен кривичен суд Скопје
Кога на Груби му беше определен куќен притвор, пред зградата во Чаир беше поставена полициска заштита бидејќи тој беше изложен на безбедносни закани. Министерството за внатрешни работи не одговори на прашањата дали мерката со двајца полицајци ќе продолжи откако тој ќе биде на слобода или дали ризикот за неговата безбедност е намален.
Автор: Миомир Серафиновиќ
Фото: прес-материјал од настанот


