Почетна
Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“ доставија 10 заклучоци до Анкетната комисија за Кочани

Бараат хронологија на дозволите, идентификација на одговорни службеници и утврдување на политичка и институционална одговорност.

·Македонија
Родителите на загинатите во „Пулс“ доставија 10 заклучоци до Анкетната комисија за Кочани

Ќе се помрдне ли од мртва точка блокираната анкетна комисија за Кочани? И после година и осум месеци од катастрофалниот пожар, и по речиси една година по одржувањето на расправата за катастрофата што се случи во Кочани, родителите на загинатите деца во „Пулс" доставија заклучоци до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните.

Предлог-заклучоците, 10 на број, веќе се испратени до претседателот на постојаната Анкетна комисија, Димитар Апасиев, и беа објавени ексклузивно. Идејата на родителите е со нивните барања да се откочи работата на комисијата која заглави откако членовите не успеаја да се договорат чии заклучоци да поминат.

Главните барања и суштинското прашање

Во првиот дел од предлог-заклучоците се бара особено да се утврди дали надлежните институции биле запознаени со неправилности, дали постоеле влијанија врз инспекциските контроли и зошто не биле преземени мерки за забрана на работењето доколку постоеле законски основи. Клучното прашање гласи: „Дали Пулс ќе работел на 16 март 2025 година доколку надлежните институции навремено и законито постапувале?“

Родителите преку ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ " 16-ТИ МАРТ 2025 ГОД. - КОЧАНИ " нагласуваат дека покрај утврдувањето на кривичната одговорност од страна на надлежните правосудни органи, неопходно е Собранието да придонесе за утврдување на политичката, институционалната и функционерската одговорност, независно од партиската припадност и периодот на извршување на јавните функции. Како јасен политички став во заклучоците е запишано: "Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, но од Собранието бараме политичка и институционална одговорност."

Во другиот дел се бара изготвување целосна хронологија на издадените дозволи, лиценци, инспекциски контроли и преземени или непреземени мерки, идентификација на институциите и одговорните службени лица за да се утврди кој бил надлежен, кој знаел или бил должен да знае, како и целосно преиспитување на постапувањето на инспекциските и контролните органи и на полициските службеници пред и за време на трагедијата.

Родителите инсистираат сите истраги и судски постапки да се водат независно, непристрасно, темелно и без неоправдани одложувања. Освен независна и ефикасна кривична постапка, тие бараат и законски измени и зајакнување на контролите, еднократна финансиска помош и долгорочна поддршка, конкретни мерки, рокови и отчетност.

Во завршниот став на Здружението стои дека трагедијата не смее да остане само предмет на политички расправи и декларативни осуди. Тие порачуваат дека не бараат политичка пресметка, туку целосно и неселективно утврдување на политичката, институционалната и функционерската одговорност, со тоа што, како што велат, правдата за Кочани не смее да заврши на хартија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи