„Розов пикник“: повик за редовни скрининзи и самопрегледи
Онколошките пациенти ги споделија искуствата и ги повикаа жените на редовни самопрегледи и поголем опфат со мамографски прегледи.

На настан наречен „Розов пикник“ онколошки пациенти јавно ги раскажаа своите искуства со рак на дојка и повикаа на поголема свесност преку редовни скрининзи и самопрегледи.
Пациентите повикуваат на редовни проверки и отстранување на стигмата
Според учесниците, „Ракот на дојката е тешка и неизвесна битка, во која минуваме низ страв, болка и тешки моменти,“ и тие охрабруваа други да не се срамат и да се борат храбро.
Една од пациентите ја опиша својата патека на лекување и рецидивот: "Јас започнав со терапија во време на корона. Тогаш можам да кажам дека имаше редовно терапија. Потоа преминав на имунолошка терапија. Направив реконструкција на градата. Во меѓувреме имав редовни прегледи. Се беше по насоки на онкологот. Кај мене се повтори канцерот во 2024 година и можам да кажам дека тоа ме направи уште посилна"
Друга учесничка даде практичен совет: "Би им препорачала на сите девојки и повозрасни жени да прават самопрегледи барем еднаш месечно за време на туширање затоа што самото тело дава знаци. Самопрегледот може да спаси живот"
Од здружението ХЕМА-ОНКО потенцираа дека навремено откривање значително ги зголемува шансите за успешно лекување и ги повикаа жените на поголем опфат со скрининг. "Секоја жена со своите раце треба да прави самопрегледи. Бидејќи сите најдобро си го познаваат своето тело и може да забележат промени. Доколку ова се открие навреме ќе може да се најде и термини и терапија. Ова е важно затоа што за 99% шансите за преживување се поголеми доколку ракот се открие во раните стадиуми" – вели Ана Марјановиќ од Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели.
Пациентите истовремено посочија проблеми како нередовна терапија, долго чекање за прегледи и низок опфат со мамографски скрининг.
На собирот беше наведено дека во моментов во Македонија со карцином на дојка живеат околу седум илјади пациенти, а секоја година се дијагностицираат околу илјада нови случаи. Настанот беше употребен за потсетување на потребата од месечни самопрегледи и навремена реакција при забележани промени.
Фото: прес-материјал од настанот


