Сѐ помалку бебиња: фертилитетот во Северна Македонија е 1,35
Наталитетот и фертилитетот бележат долгорочен пад; во 2025 година се родени 15.850 живородени деца — за 1,3% помалку отколку во 2024.

Сѐ помалку бебиња се раѓаат во Северна Македонија: стапката на фертилитет изнесува 1,35 деца по жена, што го следи континенталниот тренд на намалување на наталитетот и намален природен прираст. Евростат во 2024 година забележа просек на ЕУ од 1,34 деца по жена.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година биле регистрирани 15.850 живородени деца, што претставува намалување од 1,3 отсто во споредба со претходната година. Вкупно биле евидентирани 15.932 раѓања, од кои 82 биле мртвородени.
По структура по пол, 51,7 проценти од живородените деца се машки, а 48,3 проценти женски — односно 106,9 момчиња на 100 девојчиња. Најмногу раѓања била регистрирана во јули, со 1.531 живородено дете.
31,7 проценти од раѓањата во 2025 година биле кај мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при раѓање е 29,8 години, додека кај прворотките просекот е 28,2 години. Во регистарот се забележани и 15 живородени деца од мајки помлади од 15 години, а бројот на вонбрачни живородени деца изнесува 1.868 или 11,8 проценти од вкупниот број.
Регионални разлики
Иако националниот просек е 1,35, постојат значителни разлики помеѓу регионите. Скопскиот Регион е над просекот со 1,73, Североисточниот Регион со 1,40 и Пелагонискиот Регион со 1,36 живородени деца по жена. Под просекот се Полошкиот и Југозападниот Регион (1,27), Вардарскиот Регион (1,31), Југоисточниот Регион (1,30) и Источниот Регион, кој има најниска стапка од 1,16 деца по жена.
Податоците на Државниот завод за статистика ја потврдуваат долгорочната тенденција на намалување на наталитетот и фертилитетот. Стручната јавност предупредува дека стапките под нивото на замена — околу 2,1 дете по жена — ќе имаат долгорочни ефекти врз големината и стареењето на населението.
За споредба, податоците на ниво на европски региони покажуваат дека од 1.165 региони со расположливи податоци, во 439 стапките биле под просекот на ЕУ, во 714 над просекот, а во 12 региони биле еднакви. Стапки од најмалку 1,75 биле забележани во неколку региони во Бугарија, Франција, Германија, Словенија, Унгарија, Холандија и Романија, како и во по еден регион во Ирска, Грција, Хрватска и Словачка. Најниските вредности се појавуваат во делови од Шпанија и Италија (особено Сардинија); стапки под едно живородено дете по жена беа регистрирани во 16 шпански региони, седум полски, пет италијански, три грчки и по два региона во Германија и Литванија.
Фото: прес-материјал од настанот


