Сахарска прашина го зголеми загадувањето со ПМ10 во Велес и во други градови
Часовните мерења во Велес достигнаа 465 мг/м³ на 29 август, додека и други градови пријавија надгранични ПМ10 вредности.

Наутро на 29 август во Велес мерните уреди регистрираа неверојатно висока часовна концентрација на ПМ10 честички — 465 мг/м³ во 5 часот. Подоцна истиот ден инструментите на Министерството за животна средина измерија уште високи часовни вредности од 329 мг/м³ и 198 мг/м³ во 11 часот. Среднодневната (24‑часовна) измерена вредност за Велес изнесувала 113 мг/м³, што за летниот период претставува многу високо ниво.
Анализата на податоците од други мерни места, меѓу кои Охрид, Штип и Кавадарци, покажуваше вредности над граничната од 50 мг/м³, што укажува дека не се работи за изолиран инцидент во Велес, туку за појава која ја погоди поголем дел од земјата.
Екологистот Игор Смилев за зголемените вредности посочува: „Периодот од 25 до 30 август Македонија беше под налет на прашина од Сахара. Тоа предизвика не само во Велес, туку и во други градови зголемување на загадувањето на воздухот со ПМ10 честички. Во Велес тоа беше случај во саботата наутро и претпладне. Честичките од прашината на Сахара ни го загадија воздухот, друго објаснување нема“, вели Смилев.
Метеоролошките анализи ја лоцираат сахарската прашина над Велес и над Македонија на височина од 3.000 до 5.000 метри, каде што фини минерални честички можат да патуваат на големи растојанија.
Озон и летните температури
Високите температури кон крајот на август придонесоа и за повисоки концентрации на озон во близина на земјата. На 23 август во Велес беше измерено 100 мг/м³ за 24 часа. За разлика од „добриот“ озон во стратосферата кој нè штити од УВ‑зрачење, озонот во тропосферата (близу тлото) е токсичен гас што се создава преку хемиски реакции меѓу издувни гасови од возилата и индустријата — азотни оксиди и испарливи органски соединенија — под дејство на силна сончева светлина и високи температури.
Дишењето воздух со висока концентрација на озон предизвикува сериозни респираторни проблеми, намален белодробен капацитет и влошување на хроничните болести, предупредуваат здравствените експерти.
Фото: СДК.МК)


