Само третина од 15‑годишниците во земјава имаат основни познавања по математика, читање и наука
ПИСА 2025 покажува пониски резултати од ОЕЦД во сите три области, зголемен јаз меѓу врвот и дното и влијание од дигиталното расејување.

Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат дека 15‑годишните ученици во Северна Македонија постигнале пониски резултати од просекот на ОЕЦД во математиката, читањето и природните науки, како и во делот за решавање компјутерски проблеми што ја мери примената на знаењето во реални ситуации.
Најважни показатели за земјата
Само 32 отсто од 15‑годишниците во земјава достигнале барем основно ниво по математика, додека просекот на ОЕЦД е 65 проценти. Околу 1 процент од учениците постигнале највисоки нивоа (нивоа 5 или 6) по математика.
Во областа на природните науки околу 36 отсто ги совладале основните концепти и можат да препознаат точно објаснување за познати научни феномени и да проценат едноставни заклучоци врз основа на дадени податоци. Меѓутоа, за науката не е забележано ниту едно постигнување на нивоата 5 или 6.
За читањето, приближно 26 отсто од учениците во земјава постигнале ниво 2 или повисоко, а ниту еден тестиран ученик не ги достигнал највисоките нивоа. "Како минимум, овие ученици можат да ја идентификуваат главната идеја во текст со умерена должина, да најдат информации врз основа на експлицитни, иако понекогаш сложени критериуми и можат да размислуваат за целта и формата на текстовите кога се експлицитно насочени кон тоа," стои во извештајот.
Во периодот од 2022 до 2025 година извештајот констатира зголемување на јазот меѓу најдобрите и најслабите: разликата се проширила меѓу горните 10 проценти и долните 10 проценти од учениците во сите три области — математика, читање и науки.
Употребата на технологијата и училишната клима излегуваат како значајни фактори. Дури 33 проценти пријавиле дека соучениците често се расеани од дигитални уреди за време на часовите по наука; тие кои пријавиле дигитално расејување оствариле просечно за 22 поени пониски резултати. За да го намалат овој проблем, околу 60 проценти од училиштата вовеле забрана за мобилни телефони.
Истовремено, вештачката интелигенција станува дел од учењето: 44 проценти од учениците користат AI чет‑ботови за училишни задачи барем еднаш неделно, главно за претходно истражување, сумирање текстови и подготовка на писмени состави. Социјално‑економскиот статус објаснува 7 проценти од варијацијата во научните достигнувања во земјава, што е под просекот на ОЕЦД (12 проценти). "Околу 18 отсто од учениците во неповолна положба во Северна Македонија беа во можност да постигнат резултати во највисокиот квартал од научните достигнувања. Овие ученици може да се сметаат за академски отпорни бидејќи, и покрај нивната социо‑економска неповолна положба, тие постигнале образовна извонредност во споредба со учениците во нивната земја," се вели во извештајот.
Постојат и позитивни сигнали: 80 отсто од учениците наведуваат дека наставниците покажуваат интерес за нивното учење и даваат дополнителна помош. Но, извештајот забележува пад на семејната поддршка и на разговорите за училишните проблеми во домашниот амбиент во споредба со 2022 година, како и зголемување на отсуствата и доцнењето.
ПИСА 2025 во Северна Македонија беше спроведено на репрезентативен примерок од 6.977 ученици од 124 училишта, што претставува околу 90 отсто од целата популација на 15‑годишници во земјата.
Фото: прес-материјал од настанот


