Почетна
Македонија

Санацијата на изворот Шум за Струга сè уште не почната седум месеци по заматувањето

ЈП „Водовод и канализација“ чека насоки додека обвинителството и полицијата трагаат по причините

·Македонија
Санацијата на изворот Шум за Струга сè уште не почната седум месеци по заматувањето

Седум месеци по големото заматување на водата од извориштето Шум, работите за физичка санација над изворот сè уште не почнале. Јавното претпријатие кое го снабдува Струга и околните населени места вели дека чека насоки од надлежните институции, бидејќи интервенцијата бара опсег и механизација кои претпријатието не може да ги обезбеди самостојно.

Од „Водовод и канализација“ појаснуваат дека санацијата треба да се изврши над изворот, односно над пештерата каде што извира водата, со цел да се спречи повторно влегување на наноси во системот за пиење при обилни врнежи.

„Сè уште се чекаат насоки од надлежните како да се постапи. Ние самите не можеме да го направиме тоа. Потребна е огромна механизација, огромни кубици камен и материјали за да може да се изврши санацијата“, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Јованчо Мечкароски.

Кривични пријави, истраги и непоставени заштитни зони

Инцидентот се случи во февруари, кога анализите покажаа матност од 28,56 NTU — далеку над дозволените 1,5 NTU — по што водата од изворот беше забранета за користење 11 дена. Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет на 13 февруари за утврдување на причините и евентуалната кривична одговорност.

Истражните органи подоцна во непосредна близина на изворите затекнаа механизација на две правни лица од Велешта; полицијата наведува дека тие ископи, кршење и транспорт на карпи придонеле за загадувањето. Во август ОВР Струга поднесе кривични пријави против две лица и едно правно лице од Велешта поради сомнежи за повеќе кривични дела, меѓу кои и незаконита експлоатација на минерални суровини и загадување на водата за пиење.

Инспекцискиот надзор, пак, покажа дека изворот се користел со години без соодветна дозвола и без утврдени заштитни појаси. Во извештајот е наведено дека не е утврдена заштитна зона од 1 километар околу изворот, која по закон треба да се поделени на три појаси: појас од 300 метри непосредно околу изворот, каде што не смее да се дозволи никакво ископување или движење во близина, појас од 600 метри и појас до 1 километар, а целата зона треба да биде оградена и физички заштитена.

ЈП „Водовод и канализација“ доби рок до 9 октомври да достави барање за отворање постапка за добивање дозвола за користење на водата. Оттаму велат дека постапката ќе биде започната во дадениот рок. Дотогаш, конечните причини за заматувањето и евентуалната одговорност остануваат предмет на тековните постапки и вештачења.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи