СДСМ го обвинува кабинетот на Мицкоски за грешка со македонското знаме на прославата
СДСМ објави фотографија и бара да се открие која фирма ја работела сценографијата поради грешка со знамето во Охрид.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) објави дека на официјалната државна прослава по повод 35 години независност македонското знаме било погрешно претставено и сподели фотографија од спорниот детали.
„Срамно и понижувачки. Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски, а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба. Тендер-патриотите го покажаа своето лице. Повторно. Го погрешија македонското знаме“, велат од СДСМ.
СДСМ бара јасни одговори
Од партијата повикаа Владата да објави која компанија била ангажирана за настанот и кој бил одговорен за сценографијата и визуелниот идентитет, како и да се утврди одговорност за, како што велат, понижувањето на државниот симбол.
„Тие знаат само за тендери, проценти, провизии, кога е државноста во прашањето, македонските национални симболи, тогаш појма немаат. За тендери и провизии од милионски бизниси – тие се експерти. За македонско знаме – аматери. Неспособни се македонското државно знаме да го направат како треба. Владата сега да излезе пред граѓаните и да каже: Која компанија била ангажирана? Кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет? Колку пари се потрошени? Кој ќе понесе одговорност за ваквото понижување на македонскиот државен симбол?“ повикаа од СДСМ.
Музичко-сценскиот спектакл по повод 35 години независност се одржа синоќа на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Опозициската партија ја објави фотографијата со спорниот приказ и побара итна транспарентност околу продукцијата и трошоците на настанот.
Фото: прес-материјал од настанот