СДСМ: Ходник дипломатијата не може да се претставува како средба на високо политичко ниво
Опозицијата поставува прашања за протоколот, трошоците на делегацијата и еколошките ризици поврзани со грантот од пет милиони долари.

СДСМ реагира на начинот на кој премиерот Христијан Мицкоски ја претставува посетата на САД, оценувајќи дека неформалниот разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио во ходник не може да се претставува како официјална средба на високо политичко ниво.
Од партијата велат дека како најголем резултат од посетата се истакнува грант од пет милиони долари за развој на антимон кај Крстов Дол, Луке и Крива Паланка, додека разговорот со Рубио, според СДСМ, се прикажува како средба на „ултра високо политичко ниво“.
Протоколот и начинот на претставување
СДСМ ги критикува протоколот и начинот на кој е претставена средбата, нагласувајќи дека состаноците од тој ранг треба да се водат формално. „Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови“, велат од СДСМ.
Во партиското соопштение се додава и ироничен опис за начинот на кој, според нив, земјава се претставува пред странските партнери: „Еве како нè претставува самопрогласената елита.Како во кафеана. Додека сопствениот народ го нарекува талог, елитата баш се покажа. На ниво“, пишуваат од партијата.
Опозицијата оценува дека посетата на Мицкоски во САД повеќе личи на „екскурзија“ отколку на сериозна дипломатска активност и поставува прашања дали за разговорот со Рубио постои официјална агенда, заедничко соопштение од Стејт департментот или потпишан документ. Партијата реагира и на составот и трошоците на делегацијата што го придружува премиерот, како и на начинот на кој владата ја претставува посетата пред јавноста.
Во однос на најавениот грант од пет милиони долари, од СДСМ поставуваат прашања за економските и еколошките ефекти од ископувањето на антимон во регионот на Крива Паланка. Според партијата, антимонот е метал што се користи, меѓу другото, во воената индустрија, а неговото ископување, преработка и складирање на отпадот отвора прашања за влијанието врз почвата, водата и воздухот.
СДСМ го споредува овој износ со средствата што, според нив, биле потрошени за прославата по повод независноста, наведувајќи: „За настап на прослава фрлија 5,53 милиони евра народни пари, а премиерот се враќа од Америка со пет милиони долари за рудник“, велат од СДСМ.
Фото: прес-материјал од настанот


