СДСМ по третпат го поднесе предлог-законот за минималната плата од 600 евра
Пратеничката група на СДСМ го поднесе законот и предлага кратење на луксузни буџетски трошоци и субвенционирање на придонесите.

Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата по третпат во Собранието поднесе предлог-закон со кој минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, изјави на прес-конференција во Собранието пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче посочи дека со сегашната минимална плата од 26 000 денари, во услови на постојан раст на цените и економски притисоци, работниците не можат да имаат достоинствен живот и дека голем дел од вработените се наоѓаат меѓу минималната и просечната плата.
Аргументи и предложено финансирање
„Над 70 отсто од работниците во земјата живеат со примања помеѓу минималната и просечната плата. Во услови кога синдикалната кошничка изнесува речиси 70 000 денари, односно над 90 000 денари, а доколку се пресметаат и трошиците за кирија или кредит за стан, сегашната минималната плата покрива едвај 31 до 37 отсто од вкупните трошоци на едно семејство“, рече тој.
Од синдикалната кошничка, како што додаде, речиси 25 000 денари, односно цела една минимална плата од 26 000 денари, оди за прехранбени производи и безалкохолни пијалаци. „Ако на тоа се додадат трошоци за школски прибор, што сега е актуелен, речиси 7 000 денари, за транспорт приближно 5 000 денари, за облека околу 6 000 денари, за здравство 1 100 или 1 2000 денари, практично нашите работнички семејства не можат да го преживеат месецот“, изјави Филипче.
За финансирањето на зголемувањето, СДСМ предлага кратење на луксузните трошоци во буџетот – набавки на мебел, автомобили и патни трошоци на функционерите. За приватниот сектор најави мерка за субвенционирање на придонесите за да не се оптоварат компаниите.
„Како што ние правевме за време на ковид кризата, кога платите и пензиите континуирано растеа и имаше поддршка за стопанството. Над две милијарди евра отидоа како поддршка за компаниите, за да ги зачуваат работните места. Сега власта нека најде начин, кога може да се луксузира, кога може да троши граѓански пари неотчетно, нетранспарентно, како концертот за кој премиерот рече дека се потрошени 0 денари, па веќе следниот ден му ги извадивме документите. Сите граѓани видоа дека премиерот лаже и троши граѓанки пари за такви лукзусни забави и прослави во ситуација кога граѓани не можат да го преживеат месецот“, додаде лидерот на СДСМ.
На новинарско прашање дали очекува поддршка од власта, Филипче рече дека не очекува, додавајќи дека власта не се грижи за граѓаните туку за своите тендери и за својот џеб.
Покрај предлог-законот за минимална плата, СДСМ поднесе и измени за заштита на правата на бремените жени и родилките во делот на користење на годишниот одмор – неискористениот одмор поради породилно отсуство да може да се искористи до крајот на декември следната година наместо до крајот на јуни.
Во претходниот обид, предлогот поднесен во февруари годинава не беше прифатен на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика. Тогаш законот го коментираа главно опозициските пратеници, додека од владеачката коалиција говор од говорницата имаше само пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков. Партијата исто така потсетува дека еден претходен предлог-закон претходно го врати претседателот на Собранието поради технички недостатоци.
Фото: СДСМ


