СДСМ со 225 амандмани на Предлог‑буџетот за 2027: минималец 600 евра и повеќе проекти за општините
Партјата предлага минимална плата од 600 евра, зголемен студентски оброк и 161 инфраструктурен проект за општините поради намалување на капиталните инвестиции.

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе вкупно 225 амандмани на Предлог‑буџетот за 2027 година, оценувајќи дека предлогот нема развојна компонента и дека премногу се потпира на тековни расходи.
Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, посочи дека во предлог‑буџетот односот е 91 отсто тековни расходи наспроти само девет отсто капитални инвестиции и предупреди дека во такви услови државата ќе се соочи со повеќекратни ребаланси и ново задолжување.
Што предлага опозицијата
Најголемиот дел од амандманите — вкупно 161 — се наменети за општините и предвидуваат изградба на детски градинки, старечки домови, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, катни гаражи, спортски објекти и зелени површини. Спасовски изјави дека овие проекти се неопходни бидејќи во Предлог‑буџетот за 2027 година се кратат средствата за локална инфраструктура, додека проектите финансирани преку унгарскиот кредит сè уште тапкаат во место.
Опозицијата бара зголемување на минималната плата на 600 евра, паралелно со обезбедување пари за раст на платите на вработените кај буџетските корисници. За студентите, СДСМ предлага субвенционираниот оброк да порасне за 2.500 денари месечно, а стипендиите да се зголемат од 6.050 на 8.000 денари. Во пакетот се и средства за регионални центри за стручно образование, мерки за справување со врсничко насилство и тековно одржување на основните и средните училишта.
„И секако за тековното одржување на основните и средните училишта, заради тоа што се покажува дека имаме сериозен недостаток на средства коишто се однесуваат на блок‑дотациите. Впрочем, она што се случуваше изминатиот период, исклучување на струјата на факултетите, на Ректоратот, на некои од училиштата, не смееме како држава да го дозволиме“, рече Спасовски.
Во делот на безбедноста и социјалната заштита, СДСМ предлага средства за Министерството за внатрешни работи за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство, како и дигитална апликација за проверка на возраста и родителска контрола врз пристапот на децата до социјалните мрежи. Во здравството се бара набавка на мамографски апарати за рано откривање малигни заболувања.
За културата во амандманите се инсистира на реконструкција на безистенот и објектот „Парк“ во Битола, целосна реконструкција на театарот во Куманово, поддршка за Агенцијата за филм и повисоки примања за вработените во културата. Во правосудството се бара подобрување на материјалниот статус на вработените и целосно опремување на истражните центри при јавните обвинителства, а пратеничката група ќе се залага и за поголеми издвојувања за економијата, социјалната заштита и научно‑истражувачката дејност.
Спасовски ги повика пратениците од парламентарното мнозинство да ја прекинат практиката на одбивање на речиси сите опозициски амандмани и да ги прифатат предлозите кои, според него, се во интерес на граѓаните. Тој ја оцени економската слика што ја прикажува владата како „розова“ и далеку од реалноста и повтори дека, како и во 2026 година, и буџетот за 2027 година ќе мора да претрпи неколку ребаланси.
Фото: Принтскрин


