Почетна
Македонија

Се бара алтернатива за трасата Ќафасан – Требеништа

Николоски: по препораките на УНЕСКО ќе се бара нова траса за делот Ќафасан – Требеништа; законот за крајбрежјата треба да биде готов до крајот на годината.

·Македонија
Се бара алтернатива за трасата Ќафасан – Требеништа

Со Албанија веќе се работи на изнаоѓање алтернативна рута за трасата Ќафасан – Требеништа, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по посетата на Струга, додавајќи дека се разгледуваат неколку опции.

Автопатите и законот за крајбрежјата

„Во однос на Коридорот 8, трасата Ќафасан - Требеништа, јасна е препораката - да се изнајде алтернативна рута или друга, поинаква од оваа што беше во рамките на договорот, и да биде дискутирана со Албанија. Ние веќе интензивно комуницираме со Република Албанија и разгледуваме одредени опции. Автопат ќе се гради, не е веќе прашање дали ќе се гради и тоа е добрата вест од препораките на УНЕСКО. Она што треба да се направи е само да се избере соодветна рута за да не наштети ниту на културно-историското наследство ниту на биодиверзитетот. И ова не е прв проект во кој ќе се промени рута. Автопатот од Гостивар до Букојчани имаше една рута, но имаше и некои работи поврзани со екологија и заштита на ретки пештери, од кои едната е можеби најзначајната во цела Југоисточна Европа, и решивме да ја промениме трасата, да избереме траса со која ќе се заштити сè што треба. Тоа ќе го направиме и тука“ - нагласи министерот одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Струга.

Николоски посочи дека изработката на законот што ќе ги реши прашањата поврзани со крајбрежјата на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е во финална фаза и треба да биде готова до крајот на годината. Тој истакна дека до сега не постоел закон за крајбрежјата на трите езера и дека новиот закон, за Охридско, ќе ја почитува препораката на УНЕСКО, со цел да се избегнат проблемите што се појавуваа претходно во почетокот на сезоната.

За автопатот од Тетово, министерот рече дека првите километри од првата делница Тетово - Гостивар се очекуваат в година, а целосното завршување е предвидено во 2029 година. „Вториот дел, до Букојчани, каде што еден од клучните мостови веќе се изгради, очекувам да се заврши до крајот на 2029 година, а за делот Букојчани - Кичево се чека одлуката на ЕБРД. Штом ја имаме, ќе го кажам и рокот, но во согласност со првите предвидувања, тоа е речиси три години“ - посочи Николоски.

За патот Извор - Гарски Мост тој најави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите и рече дека динамиката е добра и покрај наследените проблеми со свлечишта. „Таму добро оди динамиката, иако наследивме големи проблеми со свлечишта. Се работи за добар проект зашто многу ќе се скрати патувањето и нема да се оди преку Маврово и Радика. Следниот период ќе се прави дополнителен јавен повик за тендерирање на работите. Кај спојката меѓу двата автопата Охрид - Кичево и Извор - Гарски Мост или Кичево - Дебар има клучка, која е во близина на реката Треска и работена е по сите еколошки стандарди. Се изработија специјални резервоари за вода за целосна заштита, немаше водовод и канализација, а сега целосно се изградија и се уреди целиот простор, кој се надевам дека ќе се користи кога автопатот ќе биде пуштен во функција“ - рече министерот Николоски.

Николоски додаде дека е во постојана комуникација со градоначалниците на Охрид, Ресен и Дојран за прашањата поврзани со крајбрежјата и повтори дека целта е да се завршат сите постапки пред почетокот на следната туристичка сезона.

Фото: Government of North Macedonia / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Поврзани написи