Се знае каде ќе се гради државниот дата-центар, Владата нашла изгледна локација
Министерот Стефан Андоновски: локацијата е близу технолошко-индустриските зони и автопатот.

Националниот дата-центар најверојатно ќе се гради кај Бунарџик, во близина на технолошко-индустриските зони Скопје 1 и 2, соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
„Се наоѓа во близина на Скопје, во близина на Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и 2, се наоѓа во близина на автопат, во близина на оптичка линија, така што најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму, вели Андоновски.
Финансирање и преговори
Изградбата ќе се финансира со државни пари, а проектот предвидува и 30% грантова компонента. Владата сега бара меѓународен финансиски партнер откако преговорите со Светска банка запреа поради некомпатибилност со барањата на Европската Унија за ваков тип проекти.
„Разговараме со различни финансиери коишто се компатибилни со барањата на Европската Унија за ваков вид на проекти. Овој процес е нов и за ЕУ. Планот за раст е една нов механизам којшто тие го користат за финансирање. Така што, тоа ќе бидат некои од меѓународните финансиски институции. Ние имаме добра соработка со голем дел од нив. Не сме имале проекти досега, имаме само еден со кој сме во напредна фаза на дискусија со Банката на Советот на Европа. Така што, разговараме со нив, разговараме со други некои потенцијални финасиери. Ќе видиме во периодот којшто следи од кого ќе добиеме најдобра понуда и кој ќе биде заинтересиран за соработка, вели Андоновски.
Проектот за Национален центар за податоци е проценет на 20 милиони евра: 30% од средствата се предвидени за опрема, а преостанатите 70% за изградба. Владата останува со опција дека може да бидат потребни дополнителни средства во зависност од движењето на цените на хардверот.
„Модуларно го планираме проектот да ни дозволи да со реформска агенда плус или со некои проекти го доопремиме. Дали во делот на колокација на опремата на постojните институции или пак употреба на Вештачката интелигенција. Но така ќе биде дизајниран податочниот центар што ќе ни дозволи и надградба на нова инфраструктура кога за тоа ќе има можност. Некои најави од компаниите коишто ги слушам дека цените на хардверската опрема се очекува да стагнираат и да паѓаат во периодот којшто следи. Така што, ќе го искористиме тој период 2027 – 2028 за набавка на опремата, вели Андоновски.
Во моментов Северна Македонија располага со еден резервен дата-центар во Прилеп, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи. По завршувањето на националниот центар ќе следува процес на мигрирање на податоците од сите државни институции во новиот објект.
Фото: Слободен печат / Драган Митрески


