Секоја четврта ученичка/ученик (15–16 г.) се коцкал за пари, ХЕРА бара третман како јавно‑здравствен проблем
ESPAD 2024: 25% од учениците (15–16 г.) коцкале во последната година; проблематичното коцкање пораснало на 7,6%, новиот закон воведува 500 м оддалеченост од училиштата.

Една четвртина од учениците на возраст од 15 до 16 години во земјава играле коцка за пари во последните 12 месеци — ESPAD 2024 бележи 25% вкупно, при што 34% се момчиња, а 16% девојчиња. Податоците ги објавија Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“ по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите.
Од ХЕРА и Иницијативата предупредуваат дека меѓу учениците кои коцкаат уделот на проблематично коцкање пораснал од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 година и дека ова бара интервенции надвор од исклучиво правно поле.
„Казина, обложувалници, онлајн платформи и реклами што ветуваат 'брза добивка' се лесно достапни во средина во која младите истовремено се соочуваат со невработеност, финансиска несигурност, нарушено ментално здравје и сè поголема желба да ја напуштат државата. Податоците веќе го палат алармот со загрижувачки бројки“, велат од ХЕРА.
Граѓански активисти посочуваат на големата концентрација на објекти за игри на среќа во урбани јадра: во Општина Центар има 60 казина и кладилници — повеќе отколку сите детски и спортски игралишта заедно, реагира групата „Шанса за Центар“.
Законот воведува оддалеченост од 500 метри
На 29 јуни Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со кој се воведува појасна и построга регулатива. Една од новините е задолжителна оддалеченост од најмалку 500 метри помеѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта. Министерството за финансии истакнува дека целта е засилен надзор, намалување на сивата економија и спречување на финансиски злоупотреби, а дека текстот е усогласен со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Практичната примена на одредбата е неизвесна, откако во многу градови — вклучително и во центарот на главниот град — казината и обложувалниците се речиси спроти основни училишта и градинки. За да се намали и спречи зависноста, ХЕРА и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ бараат доследна примена на регулативата, контрола на оддалеченоста на објектите и строга контрола на рекламирањето на игрите на среќа, особено на интернет, на социјалните мрежи и во содржини насочени кон младите.
Нивните забелешки ја поврзуваат и со поширокиот социо‑економски контекст: младинската невработеност меѓу лицата од 15 до 29 години во 2024 била 23,6%, според податоци цитирани во нивниот преглед; Студијата за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“ покажува дека 45,3% од вработените млади не работат во професијата за која се образувале, а 67,7% од младите изразиле одреден степен на желба за иселување, најчесто поради подобар животен стандард и повисоки плати. „Од младите се очекува да учат, да работат, да останат во земјата и сами да изградат сигурна иднина. А што им нуди средината? Несигурни приходи, малку можности и коцкање на секој чекор како ветување за полесен живот. Не сакаме нашата држава младите со горчина да ја ословуваат како ‘Република коцкарска Македонија’. Но токму оваа порака денес го изразува нашиот револт од општество во кое понекогаш е полесно да најдеш обложувалница отколку културен центар“, реагираат тие.
Фото: ХЕРА)