Почетна
Македонија

Шасивари ќе побара средба со Филипче за СДСМ да го деблокира носењето на Изборниот законик

Министерот за правда најави дека ќе предложи разговор со лидерот на СДСМ за да се најде начин процесот за Изборниот законик да продолжи.

·Македонија
Шасивари ќе побара средба со Филипче за СДСМ да го деблокира носењето на Изборниот законик

Министерот за правда Јетон Шасивари најави дека ќе побара средба со пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, со цел да се обиде да се деблокира донесувањето на новиот Изборен законик.

Шасивари ја изнесе најавата по состанокот со членовите на работната група за реформи во изборното законодавство. На средбата присуствуваа претставници на сите политички партии застапени во Собранието, освен претставниците на СДСМ.

Следни чекори

„Сметам дека изборниот процес и реформата на изборното законодавство се прашања за кои е потребен широк политички и институционален консензус. Затоа, во наредниот период ќе побарам средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел да разговараме за отворените прашања и да најдеме начин процесот да продолжи. Очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група и да даде свој придонес во реформата“, изјави министерот за правда Јетон Шасивари.

Тој порача дека разликите во политичките ставови не смеат да бидат пречка за унапредување на изборниот систем и создавање изборно законодавство кое ќе биде стабилно, предвидливо, транспарентно и усогласено со европските стандарди и со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

„Не очекувам сите да се согласиме за сè. Но, очекувам да разговараме. Оваа реформа ги надминува дневнополитичките интереси и го засега секој граѓанин, бидејќи изборните правила се директно поврзани со довербата во демократскиот процес и во институциите. Изборниот законик не е сопственост на ниту една политичка партија. Тој е закон што ги утврдува демократските правила според кои граѓаните ја остваруваат својата слободно изразена волја. Затоа, сите политички чинители имаат обврска да разговараат“, додаде тој.

Министерството за правда ќе го продолжи дијалогот со Собранието, политичките партии, експертската јавност, граѓанските организации и сите релевантни институции со цел да се обезбеди инклузивен процес и квалитетни решенија за унапредување на изборното законодавство.

Фото: Министерство за правда

Поврзани написи