Почетна
Македонија

Шасивари во Будва: Криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане кај сторителите

На министрискиот форум во Будва министерот за правда го истакна значењето на предметите од висока корупција и новите закони за конфискација.

·Македонија
Шасивари во Будва: Криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане кај сторителите

Министерот за правда, Јетон Шасивари, од Министерскиот форум ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Будва побара конкретни резултати во борбата против корупцијата и истакна дека незаконски стекнатиот имот мора да се конфискува. Тој учествуваше на панел посветен на борбата против корупцијата.

Како што соопшти Министерството за правда, Шасивари нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се темел за демократската стабилност и довербата на граѓаните во институциите.

Во своето обраќање министерот посочи дека предметите од висока корупција претставуваат вистински тест за ефикасноста и независноста на правосудниот систем. „Особено внимание посветуваме на ефикасното постапување по предметите од висока корупција, како еден од клучните показатели за ефективноста на правосудниот систем и неговата способност да обезбеди одговорност без оглед на позицијата или влијанието на сторителите", истакна Шасивари.

Законодавни реформи и механизми за конфискација

Шасивари зборуваше и за планираните законодавни реформи. Подготвен е нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка, преку кои се предвидуваат построги казни за коруптивните кривични дела и поефикасни механизми за конфискација на имотот и имотната корист стекнати со кривично дело.

Министерот јасно ја формулираше целта: „Нашата цел е јасна – криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане во рацете на сторителите", порача тој, додавајќи дека реформите и поцврстената примена треба да се претворат во конкретни пресуди и враќање на незаконски стекнатите средства.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи