Почетна
Македонија

Шавреска до МЗ: Зад секој медицински запис стои човечки живот

Министерството потврди завршен надзор во струшката и охридската болница и државната гинекологија; Шавреска бара детална временска линија и објаснување.

·Македонија
Шавреска до МЗ: Зад секој медицински запис стои човечки живот

Здравствените власти го комплетираа случајот со медицинската сестра Љубица Шавреска која го загуби своето бебе, а се чека конечен извештај кој ќе покаже дали и какви пропусти биле утврдени при третманот.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, во краток писмен одговор потврди дека надзорот во струшката и охридската болница и во државната гинекологија е завршен и дека се чека финиширање на извештајот кој треба да укаже дали се пронајдени пропусти.

Шавреска јавно ги повика здравствените власти да одговорат со конкретна временска линија, медицински факти и образложение за секоја донесена или недонесена одлука, порачувајќи дека зад секој медицински запис стои човечки живот.

Што побара Шавреска

Љубица Шавреска изјави: „И однапред да бидам јасна: одговорот „постапено е по протокол" не е одговор на моите прашања. Не прашувам дали постоел протокол, туку што конкретно е направено во мојот случај, во кој час, со која медицинска проценка и со која цел. Зад секој медицински запис стои човечки живот. Во мојот случај, зад тие записи стои и едно бебе кое до последниот момент имаше срцева акција и шанса за живот.”

Одговор чека и семејството на 19-годишната Станка Михајлова, која по породување со царски рез во штипската болница остана неподвижна. За нејзиниот случај пред еден месец беше формирана стручна комисија во која беше вклучен и еден странски експерт, но досега нема објавено резултати.

Клековски најави прес-конференција во текот на неделава на која треба да ги соопшти наодите, но засега нема точен датум кога ќе бидат објавени резултатите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи