Штандовите на Питијадата во Велес ќе се изнајмуваат по локација, цените ќе варираат
Јавен повик воведува тарифи од 120.000 до 18.000 денари и забрана за поставување надвор од предвидените локации.

Од оваа година општината во Велес преку јавен повик ќе ги изнајмува штандовите на Питијадата, а цените ќе зависат од местото на штандот, соопштија организаторите.
„Одлучивме да направиме корекција на досегашниот начин на функционирање. Со оваа одлука сметаме дека е пофер и поправична распределбата. Тие што се поблиску до бината, да плаќаат повисока цена. Ако има пријавено повеќе заинтересирани за иста локација, ќе има јавно наддавање“, кажа Александра Иванова од организациониот одбор на Питијадата.
Тарифи и правила
Највисоката цена е 120.000 денари за просторот на паркингот десно од бината. По 30.000 денари се двата штанда први од лeво и десно од бината. По 24.000 денари се трите следни штанда лево и десно од бината, а сите останати е по 18.000 денари.
За Базарот се определени посебни локации: цената е 2.000 денари за сите три дена, плус 1.000 денари за аплицирање. За рекламни штандови е утврдена цена од 6.000 денари за сите три дена за површина од 5 квадратни метри.
Се забранува поставување тезги, штандови, рекламен материјал и друга опрема на површини кои не се предвидени во графичкиот приказ — проблем што се јавуваше и минатите години по пристапните улици до штандовите на Питијадата. „Целта ни е да манифестацијата да изгледа убаво и културно, а не како панаѓур“, вели Иванова.
Градоначалникот Марко Колев најави дека по завршувањето на изградбата на подземната гаража и новиот плоштад манифестацијата ќе се пресели во центарот на градот. „Кога ќе заврши изградбата на подземната гаража и новиот плоштад, таму ќе се одржува манифестацијата, во центарот на градот. Размислувам од следната Питијадата да трае два дена, третиот ден некако нема голема посетеност, така ќе ги намалиме трошоците и ќе донесеме поголема балканска ѕвезда во сабота навечер“ , кажа градоначалникот Марко Колев.
Музички гости на Питијадата се Влатко Лозановски на 9 октомври, српската пејчка Наташа Беквалац на 10 октомври, а на 11 октомври Давид Темелков и „Црвена јабука“.
Фото: СДК.МК)


