Што ќе избере Исланд – ЕУ или самостоен пат?
Референдумот на 29 август 2026 ќе одлучи само дали да се обноват долго запирани преговори за приклучување, а не дали Исланд веднаш да стане членка.

На 29 август 2026 година Исланѓаните ќе гласаат дали да ги отворат преговорите за пристапување во Европската Унија — прашање што повторно ги разбуди долгогодишните расправи за суверенитет, риболовните ресурси и економската сигурност во островската држава.
На референдумот не се одлучува за непосредно членство туку дали да се рестартираат преговорите кои беа прекинати пред повеќе од една деценија. Поддржувачите и противниците на почетокот на дебатата често зборуваат со исти поими: слобода, независност и контрола над природните ресурси.
Кампањите низ Рејкјавик
Во малиот штаб на проевропската група во главниот град, волонтерите ги делат летоците и планираат активности. Во центарот на организацијата е Снерос Синдрадотир, 34-годишна која ја стави уметничката галерија на пауза за да го води движењето „ДА“.
Синдрадотир ја поврзува кампањата со растечката геополитичка неизвесност. „И не е многу утешен фактот што Трамп во неколку наврати погрешно го изговори Гренланд како Исланд“, вели таа. „Мислам дека дефинитивно би се зголемила безбедноста ако влеземе во ЕУ“, додава таа. „Со оглед на ситуацијата во САД, би било помудро да се потпреме на нашите вистински сојузници и пријатели во Европа.“
На спротивната страна, активистите на кампањата „НЕ“ поставија штанд пред парламентот. Харалдур Олафсон, професор по физика, работи долги часови во кампања против членството и предупредува дека приклучувањето би ја префрлило одлуката од Исланд во надворешни институции. „Практично сме тука за да им објасниме на луѓето дека членството во ЕУ е огромен чекор подалеку од демократијата“, вели тој и додава: „Му даваме моќ на некој друг кој ќе наметнува правила што не можеме да ги контролира."
Рибарската индустрија — столбот на исланската економија — е во центарот на расправата. Противниците тврдат дека Унијата би стекнала влијание врз вредните морски ресурси. „ЕУ нема што да се меша во природните ресурси во Исланд - морето, рибите“, вели Олафсон. „Унијата нема последен збор за енергетиката, што е многу важен природен ресурс за Исланд“, продолжува тој и додава дека „економијата на Исланд е многу различна од економијата на Европа. Главниот недостаток е што ЕУ би ја презела администрацијата на [нашите] природни ресурси", тврди тој.
Исланд веќе учествува во Европската економска зона (ЕЕА), што овозможува слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе со поголем дел од земјите на ЕУ, и е дел од Шенген. Земјата со околу 400.000 жители нема постојана армија; за безбедноста во голема мера се потпира на НАТО, чиј што е основач, и на билатерален договор со Вашингтон. САД имале голема воена база во близина на Рејкјавик за време на Студената војна, а постојаното присуство заврши во 2006 година.
Економските аргументи се силни на двете страни. Павел Бартошек, претседател на парламентарниот комитет за надворешни работи, укажува на мала и релативно нестабилна исландска валута и вели дека евентуално воведување на евото би можело да ги намали трошоците за задолжување; „Нè чинеше многу повисока инфлација и каматни стапки во споредба со континентална Европа“, вели тој, посочувајќи дека хипотекарните каматни стапки од 8 до 9% се вообичаени во Исланд, додека во други делови на Европа често се многу пониски.
Политичките аналитичари и пратениците се поделени. Аудун Арнорсон тврди дека референдумот е единствен начин да се реши политичкиот ќор-сокак околу прашањето за повторно отворање на преговорите — преговори што Исланд ги почна во 2010 година по банкарската криза, а потоа беа прекинати по промена на владата. Гудрун Хафштајнсдотир, лидерка на опозициската Партија на независноста, вели дека застапеноста во Европскиот парламент е непријатна дилема: „Во Европскиот парламент би имале приближно шест места од 726. Се плашиме дека едноставно ќе исчезнеме во таква маса како што е Унијата“, вели таа. „Нашата сила лежи во НАТО и нашиот билатерален договор со САД. Немало никаква дебата од американска страна дека сакаат да го сменат договорот што го имаме во Исланд со децении", потенцира таа.
На референдумот на 29 август 2026 Исланд ќе мора да процени дали придобивките од поблиски врски со Европа ги надминуваат ризиците по суверенитетот над рибните и енергетските ресурси, во услови на растечка регионална неизвесност.
Фото: прес-материјал од настанот