Што пишуваше во написот од 14 октомври 2024 година за Алта пеј и ЕЦБ
Странскиот напис од 14 октомври 2024 често се повикува во дебатата за решението на Народната банка од 1 септември 2025 година.

Во јавната дебата околу начинот и околностите во кои Народната банка даде согласност за влез на Алта банка Белград во Стопанска банка Битола (Решение на Извршниот одбор на Народната банка бр. 15-27777/10 од 1 септември 2025 г.), често се повикува еден странски финансиски напис од 14 октомври 2024 година.
Во тој напис стои, во една од воведните реченици, дека „ЕЦБ се спротивставува на обидот на српската финансиска институција „Алта пеј“ да ја преземе австриската „Адико банка“ поради загриженост за можно перење пари“.
Какви детали ги содржеше извештајот
Написот ги наведува сомневањата поврзани со сопственикот Давор Мацура и групацијата околу него: дека „Алта пеј“ преку неколку одделни правни лица стана најголемиот акционер во „Адико“ претходно во 2024 година; дека „Адико“ произлезе од мрежата на филијали на австриската „Хипо Алпе Адрија банка“, кои беа спасени во финансиската криза што на крајот им чинеше на австриските даночни обврзници девет милијарди евра; и дека во август ЕЦБ суспендирала гласачки права за речиси 20 отсто од акциите во „Адико“.
Според истиот текст, зад блокирањето на гласачките права стоела повеќемесечна истрага на ЕЦБ насочена кон внатрешните проверки и контроли во српската групација и кон финансиските средства со кои располага Мацура. Во нацрт‑писмо до „Алта пеј“, ЕЦБ ги изложила своите забелешки за проверките за спречување перење пари и за исполнувањето на другите регулаторни услови, поради што, според написот, се јавувала негова опозиција кон какво било преземање од страна на „Алта пеј“.
Раководни лица од „Алта пеј“ ги отфрлија тврдењата за незаконско работење и за недостаток од механизми за контрола. Во писмена изјава доставена преку портпарол, Мацура рекол дека, освен за одлуката во август за блокирање на гласачките права, нема сознанија за истрага на ЕЦБ и дека банката „применува строги мерки за спречување перење пари“. Тој, исто така, навел дека "'претпоставките и загриженоста' околу работењето на банката се 'неосновани, непроверени и неточни'. 'Ги [отфрламе] сите коментари за можноста да ја злоупотребиме нашата позиција на пазарот'."
Написот цитирам и член на одборот, Милан Виќентиќ, кој ја опишал суспензијата на гласачките права како „постапка што сè уште трае“. Истакнато е дека „Алта пеј“ бележи раст од 2008 година, дека има деловни односи со големи западни финансиски институции како „Интеза Санпаоло“, „Уникредит“ и „Џеј Пи Морган“, и дека меѓу заинтересираните за „Адико“ се споменуваат и словенечката НЛБ и српската АИК. На крајот, Народната банка на Србија е цитирана дека при редовните контроли „не се утврдени значителни неправилности во работењето на [Алта] банка“ и дека во првата половина од 2024 година „Алта пеј груп“ ја известила за намерата да стекне удел до 30 отсто во „Адико банка“.
Фото: прес-материјал од настанот


