Сиљановска‑Давкова во Будимпешта на 70‑годишнината од Унгарската револуција
Претседателката учествуваше на свечена седница на Националното собрание и на централните комеморативни настани во Будимпешта.

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова присуствуваше на одбележувањето на 70‑годишнината од Унгарската револуција од 1956 година во Будимпешта, учествувајќи во меѓународната програма на комеморацијата.
Во рамките на свечената седница на Националното собрание на Унгарија обрачија неговата претседателка Агнеш Форстхофер, унгарскиот претседател Андреш Бака, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и министерот за финансии на Норвешка Јенс Столтенберг.
Европски говори и минута молк
Унгарскиот претседател ја посочи историската важност на револуцијата и идеалите што таа ги симболизира, нагласувајќи дека, седум децении подоцна, европската демократија и солидарност се соочуваат со големи предизвици. Фон дер Лајен и Кошта говореа за европското единство, го поздравија демократскиот напредок и реформите во Унгарија и ги истакнаа придобивките од членството во ЕУ во изминативе 22 години.
Присутните оддадоа почит со едноминутно молчење, а на седницата беше прикажан и документарен филм.
За Сиљановска‑Давкова, Унгарската револуција е траен симбол на храброст, слободољубивост и достоинство на еден народ. Таа кажа дека е чест да се присуствува и да се оддаде признание на овој историски настан, не само за Унгарија, туку и за Европа.
„Убаво е да се чујат највисоките претставници на ЕУ, кога велат дека Унгарската револуција има голем придонес во изградбата на демократијата, дека вреди да се бориме сите за Европа, како наш заеднички дом", изјави претседателката.
Централниот комеморативен собир се одржа на плоштадот „Лајош Кошут". Сиљановска‑Давкова се појави и на гала‑свеченоста во Унгарската државна опера и на приемот во Музејот на ликовните уметности, чиј домаќин беше премиерот на Унгарија, Петер Маѓар.
Фото: прес-материјал од настанот


