Почетна
Македонија

Сиљановска‑Давкова во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на ЕУ

На 22. Европски самит во Салцбург таа ја повика ЕУ на меритократија, објективни механизми и јасна перспектива за Западен Балкан.

·Македонија
Сиљановска‑Давкова во Салцбург: Проширувањето е тест за стратешкиот капацитет на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова на 22. Европски самит во Салцбург порача дека процесот на проширување е повеќе од политика насочена кон кандидатите — тој е тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија.

„Ниедна европска држава на својот интегративен пат не понела толку тежок товар како нас: ги променивме државното знаме, уставното име и усвоивме 36 уставни измени, повеќето диктирани од надвор,” рече Сиљановска‑Давкова во обраќањето на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?”.

Таа потсети на бројките што го дефинираат европскиот пат на земјата: од 35 години независност, 21 година сме кандидат за членство во Европската Унија; добивме 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите; имаме висок степен на хармонизација со европското законодавство и стопроцентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика. Сиљановска‑Давкова оцени дека земјата е меѓу најуспешните во спроведувањето реформи и планот за раст на Западен Балкан.

Предлози за реформа на процесот на проширување

Претседателката предложи три суштински промени за обновување на кредибилитетот на проширувањето. Прво, „системот на заслуги мора да биде заштитен. Ако една земја ги исполни објективните критериуми, не смее друга земја да го запре нејзиниот технички напредок поради прашање што не е дел од европските критериуми.”

Второ, членството не смее да создава Европа од прв и втор ред: заштитните механизми можат да бидат легитимни, но тие мора да бидат објективни, пропорционални и временски ограничени, а не алатки за трајна хиерархија меѓу членките. Трето, постепената интеграција може да донесе придобивки пред полноправното членство, но само ако води кон членство, а не станува негово трајно заменско решение.

Сиљановска‑Давкова истакна и правен аспект: „Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи. Членот 4(2) од Договорот за ЕУ ја обврзува Унијата да ги почитува еднаквоста на државите членки и нивните национални идентитети вградени во нивните основни политички и уставни структури. А сепак, во нашиот случај, уставната промена условена од билатерален историски спор се претставува како тест за нашиот демократски капацитет,” рече Сиљановска‑Давкова.

Таа предупреди дека нејасната европска перспектива може да доведе до назадување во регионот и порача дека единствената сила што може да ги смири балканските страсти и да го движи регионот напред е кредибилна перспектива за членство во ЕУ. „Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ,” нагласи претседателката.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи