Силви Бенд на премиерата на втората сезона на „Икон Шоу“
Силви Бенд за музиката и личните исповеди во емисијата на Давид Давидовски, и најава на концерт на 13 октомври.

Водителот Давид Давидовски ја отвори втората сезона на својата емисија „Икон Шоу“ на својот YouTube канал David Davidovski, а првите гости беа легендарните Силви Бенд.
Вечерта спои музика со отворени разговори: Давид Давидовски ги пречека гостите со голема почит, а Силви Бенд возвратија со пофалби за водителот и опуштената атмосфера во студиото.
Покрај разговорите, публиката уживаше во низа хитови и евергрини на групата, што ја претвори емисијата во вистинско музичко доживување.
Лични исповеди и семејни сеќавања
Силви отворено зборуваше за своето ромско потекло, за предрасудите со кои се соочувала како девојка и за моментите кога била понижувана токму поради тоа што е Ромка. Таа зборуваше и за односот со својата свекрва и откри дали била прифатена во семејството од самиот почеток. Посебно внимание привлече приказната за животот со Влатко — љубов која трае речиси 40 години — како и за нивната ќерка и внука. Силви раскажа и дека нејзината ќерка студирала во Амстердам и за високите трошоци и предизвиците поврзани со студирањето во странство.
Влатко, пак, за првпат јавно зборуваше за смртта на Владо Јаневски, кој почина по борба со карцином. Тој изјави дека има голема доверба во Иван Исцелител и откри дека лично однел десет лица заболени од карцином кај него, за кои тврди дека биле излекувани.
Во рамките на емисијата беше најавен голем концерт на Силви Бенд, кој ќе се одржи на 13 октомври во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот. Со ова издание „Икон Шоу“ ја отвори втората сезона со гости чија музика остава трага низ повеќе генерации, а шоуто повторно потврди дека е место каде познатите личности зборуваат искрено и без задршка.
Фото: прес-материјал од настанот


