Силвија Митевска: Борбата против родово базираното насилство е борба за промена на културата на моќта!
Митевска: Не е доволно да имаме правилници — мора да се менуваат и неформалните норми и механизмите за заштита.

Силвија Митевска, експертка по спортска дипломатија и директорка на Sport Social Solutions, вели дека борбата против родово базираното насилство во спортот бара промена на културата на моќта, а не само донесување формални правила.
Во вториот дел од разговорот за проектот „Женски Спортски Приказни“, Митевска објаснува дека родово базираното насилство врз жените во спортот се појавува во повеќе форми — физичко, психолошко, економско, сексуално и дигитално — и дека го одржува нерамномерната распределба на моќта и пристапот до одлуки.
Моќта, нормите и институционалниот одговор
„Кога зборуваме за родово базираното насилство во спортот, важно е да се прашаме зошто воопшто се случува насилството и кои се условите што му овозможуваат да се појави и да опстојува. Во самиот корен е нерамномерната распределба на моќта. Кога еден има несразмерно поголема моќ, а другиот има помалку можности да се спротивстави, да зборува или да влијае, се создава простор таа моќ да биде злоупотребена,“ вели Митевска.
Таа предупреди дека формалните правила сами по себе не се доволни. Институциите можат формално да прогласуваат еднаквост, но ако неформалните норми ги штитат моќните, ако жените се обесхрабруваат да зборуваат или ако нивните искуства се минимализираат, формалните механизми остануваат без ефект. За Митевска, превенцијата мора да ги менува и формалните практики и неформалните мрежи на влијание.
Анализата подготвена од Бојана Јовановска и Силвија Митевска ги истражува искуствата и видливоста на механизмите за заштита. Главните наоди се:
- Законот за спорт не предвидува одредби поврзани со родовата еднаквост, ниту механизам за пријавување и заштита.
- 34,8% од испитаничките велат дека често е застапено вознемирувањето врз спортистките, додека пак 52.2% дека е ретко.
- Најчеста форма на вознемирување се навредливи и понижувачки коментари (61.9%) и Агресивно и застрашувачко викање (35.4%), најчесто од навивачи, тренер/тренерка или соиграч/соиграчка за време на натпревари.
- Случаите најчесто се пријавувале кај тренерот или друго лице во клубот; само 7.7% кај одговорно лице за заштита, и многу федерации сѐ уште немаат назначено обучено одговорно лице.
- Причини за ненавремено пријавување: не го сметале за сериозно (61.4%), не верувале дека нешто ќе се промени (51.8%) и немале доверба во институциите (20.5%).
- 67% од испитаничките не знаат дали федерациите имаат назначено лице или механизам за заштита; само 13.9% се запознаени со оваа информација.
- 48% од федерациите учествувале на обука, 44% не.
„Не треба жените да ги гледаме само како жртви. Жената може да биде изложена на насилство и истовремено да има способност да дејствува, да се спротивстави, да побара помош, да проговори и да се обиде да ги промени условите во кои се случило насилството. Но, не треба ниту одговорноста за промената да ја префрлиме само врз неа,“ вели Митевска, нагласувајќи дека одговорот на институциите е пресуден кога жените ќе проговорат.
Проектот ја истакнува соработката со Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, а како партнери се наведени НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ, кои помогнаа во реализацијата на „Женски Спортски Приказни.“
Фото: прес-материјал од настанот


